Договорот за тунелот со Бугарија помина на собраниската комисија

Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, 1.189,30 метри на македонска територија, а 1.193,70 метри на бугарска

од Nikola Popovski
12 прегледи

Собраниската комисија за надворешна политика и надворешна трговија денеска едногласно го прифати предлогот на закон за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Македонија и Владата на Република Бугарија во врска со подготовката, изградбата и оперативноста на меѓуграничниот железнички тунел и го достави предложеното законско решение на усвојување на Собранието.

Според Крум Ефремов, директор во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, се работи за договор со кој се уредуваат техничките, финансиските и организационите прашања поврзани со подготовката, изградбата и оперативноста на меѓуграничниот железнички тунел во насока на поврзување на двете држави.

-Практично изградбата на оваа инфраструктура, која е предмет на договорот, треба да ги исполнува и барањата на ЕУ и НАТО за ваков вид на инфраструктура, особено во однос на стандардите и техничките спецификации на трансевропската транспортна мрежа. Овој договор, исто така, ќе создаде и позитивни политички и економски предуслови за трговска и индустриска поголема соработка на Република Бугарија и нашата земја, со цел изградба, но и оперативно функционирање и на граничниот премин и на активностите во делот на одржување на овој тунел, истакна Ефремов.

Додаде дека со ратификацијата на овој договор се овозможува почеток и спроведување на оваа акативност.

Инаку, според Предлог законското решение станува збор за тунел долг 2.383 метри, од кои 1.193.70 метри се на територијата на Република Бугарија, а 1.189.30 метри на територијата на Република Северна Македонија, односно тунелот ја поврзува железничката линија Софија-Перник-Радомир-Ѓуешево-границата меѓу двете држави-Крива Паланка-Бељаковци-Куманово-Скопје.

Пратеникот Антонијо Милошоски го поздрави постигнувањето на овој договор и се заблагодари за пријателскиот ангажман во посредување за постигнувањето на овој договор на претставници на Француската Република, кои вложиле несебичен напор овој договор да биде постигнат.

Комисијата ги усвои и Предлог на закон за ратификација на Договорот за соработка во областа на одбраната помеѓу Владата на Француската Република и Владата на Република Северна Македонија во прво читање и Предлог на закон за ратификација на Дополнителниот протокол 7 за решавање спорови на Договорот за изменување и пристапување кон Централноевропскиот договор за слободна трговија.

Македонија и Бугарија, по повеќемесечен застој на крајот на јуни на министерско ниво постигнаа договор за придвижување на работите за железничкото поврзување. Следуваше состанокот на делегации на двете држави на 16 јули во Брисел на кој беа идентификувани приоритетите меѓу кои и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на годинава од страна на државава.