Костовски: Советниците од ДУИ и ВЛЕН гласаа против нов водовод, улици и стипендии за најдобрите ученици во Бутел

Градоначалникот исто така истакна дека советниците од опозициските партии биле против 5000 денари за секое новороденче

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Фејсбук

Општина Бутел усвои буџет од 848 милиони денари за следната година. Градоначалникот Дарко Костовски изјави дека е усвоен развоен буџет, кој е наменет и исклучиво во служба на граѓаните и кој значи реализирање на барањата на граѓаните.  Сепак, тој во објава на социјалните мрежи, наведе дека советниците од редовите на ДУИ и ВЛЕН гласале против продолжување на градење на голем број објекти, меѓу кои се нова детска градинка во Бутел 2, водовод во Љуботен, еден милион евра инвестиции во Скопје Север, фасада на ООУ Петар Здравсковски Пенко, нови улици во Љуботен и Визбегово, нов спортски центар кај ударници во Бутел 1.

Градоначалникот исто така истакна дека советниците од опозициските партии биле против 5000 денари за секое новороденче, против доделување парична помош на ранливи категории на луѓе, против стипендирање на стипендии за најдобри ученици и стипендии за спортисти.

-Не гласаа за развој на општината со изговор дека немало рамномерен развој, ова што го набројав е во средини каде што живеат етнички Албанци. Сигурен сум не можеле ниту да замислат дека сето ова ќе стане реалност.

Нерационалните одлуки доаѓаат од крајна слабост, слаби се на тоа што гледаат како се пишува историја пред нивните очи, а тие на избори со цела сила сакаа тоа да го спречат. Ќе им остане само на обид, народот гледа и знае, порача Костовски и додава:

„Пазарење со мене нема, не се обидувајте. Требаше до сега да ја научите таа лекција. Не очекува најуспешната година за Општина Бутел“, стои во реакцијата на градоначалникот.