Грчка пратеничка по запрената македонска песна во Лерин: Музичката традиција и дијалектите не се закана

Пратеничката Перка го обвини градоначалникот на Лерин за цензура и дека „со молкот не заштитува ништо“

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Facebook/Πέτη Πέρκα

Грчката пратеничка Пети Перка и партијата СИРИЗА јавно реагираа по објавите дека бендот „Ендопика“ бил прекинат да изведе песна на македонски јазик на локален настан во Лерин. Грчката пратеничка остро го крититикуваше градоначалникот на Лерин.

„Уште еднаш, нашето место – овој пат од страна на градоначалникот на Лерин – тоне во заборав. Бидејќи како поинаку може да се нарече чинот на цензура, еден ден пред најпознатиот обичај во нашиот регион. Гневот и постапката на градоначалникот, како што се одразуваат на социјалните медиуми, признавам дека ми предизвикаа тага. Тага, вознемиреност и на крајот создадоа во мене потреба повторно да реагирам, игнорирајќи го фактот дека минуваме низ празнични денови.

Музичката традиција и дијалектите не се закана. Тие се живи елементи на историјата, меморијата и културната полифонија на нашето место. Секој што се обидува да ги замолчи не „заштитува“ ништо; напротив, тие откриваат страв од различноста и незнаење за самата култура на која треба да ѝ служат“, стои, меѓу другото, во реакцијата на грчката пратеничка.

Перка го повика градоначалникот и локалните функционери да се помират со напредокот и да ги остават на страна цензурата и екстремистичките влијанија, потенцирајќи дека демократијата и културата ги прифаќаат музиката и јазикот, а не ги потиснуваат.

Градоначалникот на Лерин го прекинал настапот за време на прославата „Празник на Огновите“, наспроти Божиќ според Грегоријанскиот календар, откако музичарите почнаа да пејат песна на македонски јазик.

„Објавата на Банда Ентопика за прекин на нејзиното појавување во Лерин од страна на градоначалникот Василис Јанакис и барем некои од стотиците присутни, поради песна што ја изведоа на македонски јазик, покажува сериозни проблеми во однос на слободата на уметничкото изразување и начинот на кој се третира. Особено од луѓе кои имаат моќ и позиции, па дури и во чувствителната и демократска област на локалната самоуправа“, пишуваше во соопштението на партијата Сириза на социјалните мрежи.