Трамп имал „продуктивен“ разговор со Путин пред средбата со Зеленски

Консултации меѓу Вашингтон и Кремљ: Трамп разговарал со Путин по телефон пред средбата со Зеленски

од Nikola Popovski
12 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Global News

Во пресрет на најавената средба со украинскиот претседател, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека имал „добар и многу продуктивен“ телефонски разговор со рускиот претседател Владимир Путин, без да даде дополнителни детали за содржината на разговорот.

Трамп ја објави пораката на социјалната мрежа „Truth Social“.

„Тукушто имав добар и многу продуктивен телефонски разговор со претседателот на Русија, Владимир Путин, пред мојата денешна средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски“, напиша Трамп.

Тој додаде дека средбата со украинскиот претседател ќе се одржи во главната трпезарија на резиденцијата Мар-а-Лаго, истакнувајќи дека е дозволено присуство на медиумите.

Се очекува Зеленски и Трамп да разговараат за најновата верзија на мировниот план од 20 точки, како и за нерешено прашање за идниот статус на источниот регион Донбас во Украина.

Путин бара Украина да ја предаде територијата на север од регионот Донецк што руските сили досега не успеаја да ја освојат. Како одговор, Зеленски предлага воспоставување демилитаризирана зона, при што двете страни ќе се повлечат од линијата на поделба. Според Киев, тој предлог би можел да се стави на референдум, но само откако Москва ќе се согласи на прекин на огнот во траење од 60 до 90 дена.

Сепак, клучните прашања остануваат нерешени, првенствено прашањето за безбедносните гаранции што би ја спречиле Русија повторно да ја нападне Украина. Досега, Трамп не спомена јасна воена обврска дека САД би можеле да ја бранат Украина во иднина.