Нереални проекции – и годинава се планираше инфлација под 3%, но на крајот излезе над 4%

-Значи на едно семејство месечно му одат 4-5 илјади само за овошје и зеленчук, а каде се другите работи. Овие производи треба да ги има на трпезата во секое семејство и не се работи за луксуз, туку за производи кои се неопходни во зима за да нема толку настинки и грипови, бидејќи во спротивно ќе се оптерети здравствениот систем, вели Радески.

од Vladimir Zorba
44 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ТВ Сител

Инфлацијата во државата се стабилизира, а изминатите месеци имаме месечен пад на инфлацијата од 0,2 отсто, покажуваат статистичките податоци. Но, во пракса ситуацијата е поинаква.

Граѓаните се прашуваат зошто ако бројките се реални од маркет излегуваат со полупразни кеси. И најавите на Владата и на Народна банка дека ќе ја зауздаат инфлацијата и наредната година таа ќе падне под 3 отсто, паѓаат во вода со порастот на цената на струјата.

Економските експерти тврдат дека струјата ќе предизвика нов инфлаторен бран, бидејќи ќе ги зголеми трошоците на производство кои ќе се рефлектираат во цената на чинење на нивните производи.

-И за оваа година од Владата ветуваа дека инфлацијата ќе падне под 3 отсто, но годинава ја завршуваме со инфлација над 4 отсто. Така што не верувам дека наредната година инфлацијата ќе падне под 3 отсто, како што тврдат надлежните институции. Струјата се покачи и покрај тоа што тоа е минимално ќе влијае на зголемување на цените на речиси сите проиозводи. И досега тврдеа дека цените стагнираат, но во пракса не е така. Во маркетите освен јајцата, зголемени се цените и на кашкавалот, сирењата, сувомеснатите, зеленчукот… Еден килограм домати е 130, килограм краставици е 170, килограм пипер исто така 170 денари…, изјави за „Локално“, Љупчо Радески од Сојузот на синдикати на Македонија.

Љупчо Радески; Фото: Јутјуб/ЗМАИ

Тој вели дека и од овошјето се користи само сезонско, јаболки, портокали, киви… И да сакаат граѓаните да јадат цреши, лубеница, диња… нема каде да ги купат.

-Значи на едно семејство месечно му одат 4-5 илјади само за овошје и зеленчук, а каде се другите работи. Овие производи треба да ги има на трпезата во секое семејство и не се работи за луксуз, туку за производи кои се неопходни во зима за да нема толку настинки и грипови, бидејќи во спротивно ќе се оптерети здравствениот систем, вели Радески.

Од ССМ не се согласуваат со тврдењето дека ако се зголемат платите ќе се зголеми инфлацијата. Во моментов околу 80 отсто од работниците земаат помеѓу минимална и просечна плата, поради тоа сметаат дека потрошувачката нема многу да се зголеми: Со повисоки плати граѓаните ќе можат да си купат некои од производите кои претходно не можеле да ги купат, како на пример кашкавал.

Според проекциите на Народната банка, како и на Владата и другите финансиски институции, се очекува дека инфлацијата ќе се движи во распон од 2,5 до 3 проценти.

– Нашата цел е во среден рок, односно во период од две до три години, инфлацијата да се сведе на 2 процента, што одговара на историскиот просек на движењето на инфлацијата кај нас – истакна гувернерот, Трајко Славески.

Министерот за економија, Бесар Дурмиши по седницата на Економско-социјалниот совет изјави дека евентуалното зголемување на минималната плата ќе влијае на зголемување на инфлацијата. Но, тоа не важи и за функционерските плати кои се зголемија во повеќе наврати.

Додека цените во маркетите бележат континуиран раст, граѓаните ќе мора да се задоволат со симболично усогласување на платите во март од 1.500 до 2.000 денари.

Б.С.