СДСМ за тендерот од 1,2 милиони евра: „Фатени живи овие од ЗНАМ уште малку ќе кажат дека не го знаеле нивниот советник и носител на листа во Кисела Вода“

„За колку тендери ЗНАМ ја продава Македонија? Не проаѓаат измислени оправдувања, потребна е одговорност“, велат од СДСМ

од Nikola Popovski
17 прегледи Фото: Фејсбук/ЗНАМ

СДСМ ги нарекуваат „колаборанти“ функционерите од ЗНАМ и велат дека го потврдија скандалот што го објавиле од АКТ – тендер од 1,2 милиони евра добила фирма на нивни советник од општина Кисела Вода.

„Ама реакциите за скандалот се како оние на ВМРО: Фактите се тие, советникот кој зема 1,2 милиони евра е наш ама „се оградуваме од инволвираност. Томовски велеше „бројот е мој, таткото е мој, зетот и внукот се мои, сè е мое, ама немам никаква врска со фирмата“. Фатени живи овие од ЗНАМ уште малку ќе кажат дека не го знаеле нивниот советник и носител на листа во Кисела Вода“, додаваат од СДСМ.

Од партијата истакнуваат дека фактите се јасни, потврдени со документи и јавно објавени. Прашуваат дали е ова прва рата од исплатата за, како што велат, предавството на Македонија.

„За колку тендери ЗНАМ ја продава Македонија? Не проаѓаат измислени оправдувања, потребна е одговорност.

СДСМ ги повикува ДКСК, Јавното обвинителство и Финансиската полиција да отворат истрага за најновиот скандал што го откри АКТ. Како тоа фирма што не исполнувала услови добила тендер од 1.2 милиони евра од Пошта? Како тоа се менува сопственик само 20 денови по добивање на милионскиот тендер“, прашува СДСМ преку соопштение.

Во врска со вчерашната прес конференција на СДСМ, а во однос на тендерската постапка на хигиеничарски услуги во ЈП „Македонски пошти“, партијата ЗНАМ вчера ја информираше јавноста дека нема никакво партиско-политичко влијание во ниту една ваква постапка. Според партијата, точно е дека Сашо Петровски бил носител на советничката листа за општина Кисела Вода, но не е носител на било каква партиска функција.

-Тој е приватен стопснственик кој долги години се занимава со бизнис за одржување на хигиеничарски услуги во приватниот сектор и во минатото има сериозно професионално портфолио во оваа сфера во одржувањето на приватни компании, но и државни институции. Што се однесува до конкретниот случај, несакајќи да навлегуваме во материјална дискусија, доколку било кој надлежен орган утврди било каков конфликт на интерес, прекршување на постапката или прекршување на законите, ги повикуваме надлежните да постапат согласно законската норматива, велат од ЗНАМ и додаваат дека, во спротивно секој го има демократското право да води сопствен бизнис и да учествува на јавните конкурси.

Претходно во текот на денот, СДСМ објави нова „бомба“ поврзан со тендери, а како што посочија, доказите стигнале до нив од свиркачи преку платформата МИЦКО.мк. Соопштија дека „Фирмата БС Клининг увоз-извоз ДООЕЛ Скопје, основана на 10 јули 2024 година, добила тендер во вредност од 1,2 милиони евра од Пошта на Северна Македонија“.

Во моментот на аплицирање, како што рекоа од СДСМ, оваа фирма не ги исполнувала основните услови наведени во тендерската документација.