Лазов: Вчера се отпуштени и последните вработени во ФЕНИ, локалната власт и Владата останaa неми набљудувачи

„ФЕНИ не згасна преку ноќ - беше оставен да пропадне“, тврди претседавачот на Централниот одбор на СДСМ

од Nikola Popovski
183 прегледи Фото: Фејсбук/Герасим Лазов

Новиот претседавач на Централниот одбор на СДСМ, Герасим Лазов денеска објави дека според информации што ги добил, во текот на вчерашниот ден биле отпуштени и последните стотина вработени од компанијата ФЕНИ. Според Лазов, како што стои во објавата, по гасењето на печката за производство и, како што вели, целосно игнорантскиот однос на локалната и централната власт, ваквиот исход за жал беше очекуван.

Претседавачот на ЦО на СДСМ го вперува прстот во централната и локалната власт.

-Градоначалникот, локалната власт и Владата останaa неми набљудувачи, без конкретни чекори, без притисок, без вистинска борба за работните места и иднината на еден од најголемите индустриски капацитети во Кавадарци. ФЕНИ не згасна преку ноќ – беше оставен да пропадне.

Ова е директна последица на незаинтересираност, неодговорност и отсуство на визија. Еден од симболите на индустрискиот развој на Кавадарци заминува во историјата. А цената повторно ја плаќаат работниците и нивните семејства, порачува Лазов.

Некогашниот гигант од Кавадарци во последните години се соочуваше со проблеми, вработените протестираа, а компанијата која беше со странски газди, замина во стечај. Вработените редовно потсетуваа дека илјадници фамилии егзистираат од топилницата, имајќи ги во предвид и транспортните компании ангажирани за комбинатот.