Данската премиерка кон мигрантите: Не ја сакаме вашата лудост, несовесно возење и култура на доминација – ја уништувате најубавата земја на светот

„Им велам на луѓето што дојдоа во Данска за да извршат злосторства, дека не треба да бидат тука. Не ја сакаме вашата лудост, несовесно возење и култура на доминација. Ја уништувате најубавата земја на светот. Никој не може да разбере зошто Ирачанец осуден за брутален напад со палка за голф не може да биде депортиран. Или зошто на човек од Косово кој веќе е осуден за злоупотреба на своите деца и сопруга може да му биде дозволено да остане тука“, рече Фредериксен

од Vladimir Zorba
41 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ЕК

Под притисок од падот на личната популарност, анкетите и неодамнешните неуспеси на локалните избори, данската социјалдемократска премиерка Мете Фредериксен во своето новогодишно обраќање до нацијата најави два популистички потега – буџетски субвенции за социјално ранливите и уште повеќе депортации на странци.

Данските медиуми го нарекоа нејзиниот говор почеток на изборната кампања пред овогодишните парламентарни избори, кои мора да се одржат најдоцна до 31 октомври. Потезите што ги најави од државната резиденција Мариенборг во близина на Копенхаген треба да се гледаат првенствено преку драстичниот пад на јавната поддршка за самата премиерка и нејзините социјалдемократи.

Самит на европски лидери во Копехаген/Фото: Принтскрин/Јутјуб

Социјалдемократите го загубија Копенхаген по 87 години

По парламентарните избори во 2022 година, нејзината партија уживаше поддршка од околу 30 проценти од гласачите, а најновите анкети покажуваат дека социјалдемократите, иако сè уште водат, би освоиле едвај 19 проценти од гласовите на парламентарните избори.

Дополнително, владејачката партија беше поразена на локалните избори во Данска во ноември. Поразот во главниот град Копенхаген, каде што социјалдемократите го загубија градоначалничкото место по 87 години, беше особено болен.

„Им велам на луѓето што дојдоа во Данска, за да извршат злосторства, дека не треба да бидат тука. Не ја сакаме вашата лудост, несовесно возење и култура на доминација. Ја уништувате најубавата земја на светот. Никој не може да разбере зошто Ирачанец осуден за брутален напад со палка за голф не може да биде депортиран. Или зошто на човек од Косово кој веќе е осуден за малтретирање на своите деца и сопруга може да му биде дозволено да остане тука“, рече Фредериксен, додавајќи:

„Затоа владата предлага странците кои извршиле сериозни кривични дела и се осудени на најмалку една година затвор да бидат депортирани. Без оглед на нивната поврзаност со Данска. Наместо да чекаме неколку години ова да се вкорени во судската пракса, ние ќе преземеме иницијатива и ќе донесеме соодветни прописи пред летото.“, порача Фредирексен

Сепак, според правниот експерт за човекови права Кристофер Бадсе, ветувањето на премиерката би можело да ја стави Данска во директен конфликт со европските конвенции. Бадсе тврди дека построгите прописи за депортација на странци не смеат да бидат во спротивност со Европската конвенција за човекови права.

Фото: Јутјуб/Принтскрин/Европски парламент

Потребна е согласност од сите членови на Советот на Европа

„За да се промени толкувањето или содржината на конвенцијата, потребна е согласност од сите 46 членови на Советот на Европа, а не само од Европската Унија. Значи, дури и ако Фолкетингот донесе закон, данските судови мора да го поништат ако е во спротивност со судската пракса на Европскиот суд за човекови права“, објасни Бадсе за БТ.

„Ова е сериозно прашање. Данска се гордее со тоа што е држава управувана од владеењето на правото што ги почитува основните права на поединецот. Законот може да се донесе политички, но прашањето е дали всушност може да се спроведе во пракса“, тврди Бадсе.

Во отворено писмо од 22 мај оваа година, кое го иницираа Данска и Италија, а во меѓувреме го поддржаа 27 членови на Советот на Европа, се бара да се промени начинот на примена на Европската конвенција за човекови права, така што државите ќе имаат повеќе простор за маневрирање во миграциската и безбедносната политика.

Во писмото се тврди дека предизвиците со миграцијата значително се промениле во споредба со времето на создавањето на повоениот европски поредок, и дека некои мигранти дури и не се обидуваат да се интегрираат, а во одредени случаи учествуваат во криминал, што ја поткопува довербата на европските граѓани во институциите.

Потписниците особено ја критикуваат практиката на Европскиот суд за човекови права, наведувајќи дека во одредени случаи тој премногу го проширил досегот на конвенцијата и го ограничил политичкото донесување одлуки на демократските влади. Тие ги наведуваат депортациите како клучен пример: тие сакаат поголема национална дискреција при протерувањето на странски државјани, особено во случаи на насилни злосторства.

Фото: Јутјуб/Принтскрин

Обид за придобивање на градските гласачи со социјални мерки

Фредериксен се приближи до ставовите на европската десница по ова прашање, иако на локалните избори во Копенхаген социјалдемократите всушност заостанаа зад левичарските партии. Имено, градските гласачи се незадоволни од зголемувањето на цените на становите и општите трошоци за живот во градовите, како и од падот на квалитетот и достапноста на социјалните услуги.

Така, на 1 јануари 2026 година, градоначалничката позиција во Копенхаген ја презеде Сисе Мари Велинг од Социјалистичката народна партија, политичка организација на зелената левица со марксистички корени, која произлезе од Комунистичката партија на Данска.

Фредериксен има намера да им се обрати на гореспоменатите гласачи со своето новогодишно ветување за финансиска помош на социјално ранливите групи и пониска стапка на ДДВ за овошје и зеленчук: „Владата ќе предложи воведување купони за храна. Меѓу другото, за пензионерите кои немаат заштеди, за невработените и семејствата со деца кои немаат високи приходи. Тоа ќе биде паричен трансфер“.

Во својот говор, Фредериксен, исто така, призна дека владата реагирала премногу бавно на зголемувањето на цените на храната: „Некои од критиките упатени кон мене се оправдани. И ги земам при срце. Се грижев дали Данска и Европа ќе го поминат тешкиот период заедно, но не ве слушав секогаш како што треба“.

Фото: Фејбук/Принтскрин

„Не направивме доволно за цените на храната“

Не направивме доволно за високите цени на храната. Не направивме доволно за растечката нееднаквост. И не направивме доволно за децата кои се борат и страдаат. Мора да биде поинаку. И тоа е моја одговорност.“, додаде таа.

Нема сомнение дека изборната година ќе биде клучна за политичкиот опстанок на Мете Фредериксен. Таа е премиерка шест години и лидерка на данските социјалдемократи една деценија, но една од најмоќните европски политичари ќе мора да си замине ако не успее да формира влада по изборите оваа година.

Слични содржини