„Има ли поубав почеток на Новата Година од тоа да си дадеш оставка“ – вака му порача членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски на премиерот Христијан Мицкоски откако на новогодишната вечер на плоштадот „Македонија“, на која присуствуваше и лично премиерот, дојде до инцидент и туркање помеѓу група мигранти од Непал.
Ваквата реакција на Жерновски следува откако Мицкоски во декември го спомена името токму на Жерновски, Венко Филипче и Љубомир Фрчкоски во однос на темата со мигрантите од Велика Британија.
„Ете, не мораше ние да ти ги најдеме твоите мигранти. Самите ти дојдоа на плоштад да си прослават со тебе. Ги разбирам, сакале да влезат во Новата 2026-та со некои близок, а кој да им биде поблизок од тебе, односно од оној кој им овозможил да влезат во Македонија?
Да беше од збор, ќе се качеше на бината, ќе почнеше да одбројуваш “10,9, 8, 7…” и на крај ќе кажеше “Оставкааа” !!!
Ех, што аплауз ќе беше тоа. Ќе имаше петарди и огномет како никогаш досега. Што воодушевување ќе предизвикаше, не само таму, туку во секој дом.
Си бил видно нервозен и „со висок тон“ по телефон си побарал да бидат отстранети мигрантите бидејќи “проблем ќе ти направат“?
Чекај, чекај, нервозата допрва доаѓа. Ајде, ја чекаме оставката“, порача членот на новото раководство на СДСМ.
Премиерот ги отфрли обвинувањата на опозициската СДСМ за наводен таен договор со Велика Британија за прифаќање мигранти, нарекувајќи ги обид за дефокус и „лажна тема“, наменета за политичко преживување на лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашање на настан во Општина Аеродром, на 10-ти декември 2025 година, Мицкоски вети дека ќе се повлече од политиката доколку нивните тврдења се покажат како точни.
„Оставам простор до пролет Венко Филипче, заедно со професорот Фрчкоски и со Андреј Жерновски, да бараат низ Македонија и да најдат мигрант кој што е дел од овој договор со Велика Британија или било каков договор. Ако најдат еден, јас трајно ја напуштам политиката. Во спротивно, тие да ми се извинат мене и на граѓаните што шират паника без потреба“, рече тогаш Мицкоски.