Синдикатот на култура: Љутков повторно против колективните договори, но овој пат и против судските пресуди

„Министерот за туризам, кој во моментов си ја додели улогата на правник, адвокат и судија, утре можеби вештак, а зошто да не и премиер, мора да научи една едноставна, но суштинска лекција: не постои акт на министер што е над судска пресуда и над колективен договор“, велат од СКРМ

од Nikola Popovski
32 прегледи

Синдикатот за култура на Република Македонија (СКРМ) реагира на, како што наведуваат, најновото „упатство“ донесено од министерот за култура и туризам Зоран Љутков, со кое, според синдикатот, повторно се прави обид да се поништи веќе утврдено право на вработените во културата, потврдено со правосилни судски пресуди.

Од СКРМ информираат дека со подзаконски акт, донесен без претходно свикување на Комисијата за толкување на Општиот колективен договор, министерот повторно ја воведува формулата за пресметка на платите т.н. „разлика меѓу август и септември 2023“, иако таа, како што потсетуваат, експлицитно била прогласена за спротивна на Општиот колективен договор и на Колективниот договор за културата.

„Судот недвосмислено утврди дека платите во културата мора да се зголемат за 10 проценти од основната бруто плата, согласно член 14 став 1 од Општиот колективен договор. Наместо спроведување на судска одлука, министерот повторно се обидува самоволно да ја поништи“, наведуваат од СКРМ.

Синдикатот оценува дека ваквото постапување претставува директно кршење на владеењето на правото, мешање во судската власт и создавање правна несигурност за вработените во културните институции. Според нив, „упатството“ нема јасно наведени автори, не е донесено по пропишана процедура и претставува обид за редефинирање на веќе утврдени работнички права.

СКРМ најавува дека нема да дозволи, како што велат, „платите во културата да се пресметуваат по министерска математика“, туку исклучиво согласно законите и колективните договори. Од таму информираат дека ќе ги искористат сите расположливи правни механизми, вклучително и управни спорови и постапки за утврдување одговорност.

„Министерот за туризам, кој во моментов си ја додели улогата на правник, адвокат и судија, утре можеби вештак а зошто да не и премиер, мора да научи една едноставна, но суштинска лекција: не постои акт на министер што е над судска пресуда и над колективен договор“, велат, меѓу другото, од СКРМ.

Дополнително, синдикатот прашува дали премиерот Христијан Мицкоски е запознаен со фактот дека упатството е донесено без претходна постапка предвидена во владината информација од 9 декември 2025 година, и дали ваквото постапување е во согласност со насоките на Владата.

СКРМ информира и дека добил уште 13 нови судски пресуди во корист на вработените во културата, со што вкупниот број достигнал 15 и најавува нивно јавно објавување.

„Ниту еден министер нема уставна или законска надлежност да ја преиспитува или релативизира судската одлука по сопствено убедување“, порачуваат од Синдикатот на култура.