ЗНАМ: СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада како последен штит од соочување со граѓаните

-Бегањето од лидерска средба е признание за политичка слабост и страв од граѓаните, велат од ЗНАМ

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Фејсбук/ЗНАМ

Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздравува иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски за лидерска средба, велејќи дека тоа е одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во клучен момент за државата. Додаваат дека за жал, вчерашната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, „покажа дека оваа партија предводена токму од него, нема ниту капацитет, ниту волја за конструктивен политички дијалог, туку единствено нуди говор на поделби, навреди и неосновани обвинувања“.

-Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници. Наместо одговорност за сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада како последен штит од соочување со граѓаните, велат од партијата.

Во партискиот став се додава дека ЗНАМ се залага за целосно и непречено функционирање на институциите, за одговорно носење одлуки и за изнаоѓање конкретни решенија кои се исклучиво во интерес на граѓаните и државата.

-На Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не бегање од одговорност и блокади. Потребен е отворен и искрен дијалог, а не уцени и калкулации, како и јасна определба за иднината, наместо одржување на стравови и манипулации.

Иницијативата за лидерска средба е можност сите релевантни политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните.
Одбивањето на дијалог е признание за слабост.

Движењето ЗНАМ останува цврсто определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како клучни предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија, порачаа од таборот на Максим Димитриевски.