ЦУК со нови информации за поплавите: Се дејствува со механизација во кочанско и охридско, има свлечишта на патишта во тетовско

Во Кичево, додаваат, водостојот на реките се намалува, но на одредени локации состојбата сè уште е критична

од Nikola Popovski
13 прегледи Фото: Фејсбук

Поради поплавите што зафатија делови од земјата предизвикани од поројните дождови, во кочанско и во охридско, поради излевања реки, се дејствува со механизација. На подрачјето на скопскиот регион нема нарушување на редовната состојба поврзано со врнежите од дожд, во Тетовско, пак, се пријавени свлечишта на локалните патишта, соопшти утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Од ЦУК наведуваат дека во општина Кочани е забележан значително зголемен водостој на реките и каналите во полскиот дел – Кочанска Река има локално излевање кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ – Кочани со механизација, Зрновска Река се излеа пред вливот во реката Брегалница, а Оризарска Река се излеа кај селото Грдовци, каде што состојбата е најкритична.

– Поплавени се неколку подрумски простории на куќи во близина на реката. Водостопанство „Брегалница“ интервенира со тешка механизација, а МВР го има забрането сообраќајот за моторни возила на северниот влез во селото. Злетовска Река и Брегалница имаат зголемен водостој, но засега нема излевање. Водостоите во горните текови се стабилизираат и имаат тенденција на опаѓање, а во средните и во долните текови состојбата останува критична. На патниот правец Македонска Каменица – рудник „Саса“, поради одрон, сообраќајот се одвива по една коловозна лента во должина од речиси 200 метри. Во Пробиштип, поради излевање на реката Киселица, на патниот правец село Неокази – село Петришино сообраќајот е отежнат. За настанот е информиран ЦУК при СВР Штип, соопшти ЦУК.

Од таму информираат дека на подрачјето на скопскиот регион нема нарушување на редовната состојба поврзано со врнежите од дожд.

– Во Охрид одржан е состанок на Кризниот штаб на Општина Охрид со одлука да се стават на располагање сите човечки и материјални ресурси.
Населбата Далјан е поплавена поради излевање на реката Далја. Екипи со тешка механизација ја пренасочуваат водата кон езерото, а со пумпи се врши испумпување од подруми, дворови и деловни простории. Преку бројот 112 се примени поголем број пријави од оваа локација. Проблеми се евидентирани и на Коселска Река кај село Ливоишта, каде што надојдената вода го подјадува патот кај мостот кон селото Вапила. Надлежните институции се известени, информираат од ЦУК.

Во Кичево, додаваат, водостојот на реките се намалува, но на одредени локации состојбата сè уште е критична. Речиси 120 лица од улицата Прилепска и натаму се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Во текот на утрешниот ден ќе се изврши увид на оштетените објекти.

– Во Битолско градското подрачје е нормализирано, освен во населбата Стрчин, каде што има наноси од земја и чакал. Во селата Кравари, Жабени и Породин поплавени се земјоделски површини, но нема опасност по станбени објекти. Регионалните и магистралните патишта се проодни, со повремени наноси, кои се расчистуваат. Сите јавни претпријатија и надлежни служби интервенираат со механизација и човечки ресурси. Во Ресен, како последица на врнежите, поплавени се земјоделски површини, дворови и помошни објекти во повеќе села. Ангажирани се екипи со пумпи и механизација, а водостоите постепено се намалуваат. Во Крушево и Демир Хисар има локални излевања на реката Црна и на реката Обедничица со поплавени дворови, земјоделски површини и локални патишта. Дел од патната инфраструктура е оштетен, а општинските штабови се во постојана координација и интервенираат на критичните точки, наедуваат од ЦУК.

Во Куманово, Липково и во Старо Нагоричане засега нема излевање на реките, а забележани се подмрзнати коловози на одделни патни правци, каде што надлежните служби интервенираат. На подрачјето на Крива Паланка, Ранковце и Кратово нема нарушување на редовната состојба, сите патни правци се проодни, а снабдувањето со електрична енергија е стабилно, додаваат од ЦУК.

Во Тетовско, пак, информираат од таму, се пријавени свлечишта на локалните патишта кон селото Ѓермо и месноста Бањиче, кои моментно се непроодни. Општината интервенира со механизација. Во Мала Речица е пријавено уривање потпорен ѕид, при што е предизвикана материјална штета. Случајот го обработуваат надлежните служби. Во општина Желино пријавено е излевање на реката Вардар во селото Стримница, каде што е испратена механизација од ЈКП, додаваат од ЦУК.