ССМ излегува на протести – Владата и газдите немаат разбирање дека платите мора да растат

Од втората половина на јануари излегуваме на протести. Предвидени се штрајкови во повеќе институции и блокади на улици. Ако повторно нема разбирање од Владата и од работодавачите дека платите мора да растат не е исклучена и можноста за генерален штрајк во јавен и приватен сектор. Барањето е јасно 600 евра минимална плата и по 100 евра зголемување на сите останати плати, изјави за „Локално“, Иван Пешевски од ССМ

од Vladimir Zorba
97 прегледи Фото: ССМ

Нема никаков напредок околу прашањето за зголемување на минималната плата. Владата како да нема слух за барањата на синдикатите и за потребите на работниците за зголемување на платите и наместо да бара решение сака да остане настрана од проблемот. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека не гледаат „светло во тунелот“ , односно позитивни вибрации од страна на Владата и работодавачите за поголемо зголемување на платите од законското усогласување во март. Поради тоа од 15 јануари излегуваат на протести.

-Од втората половина на јануари излегуваме на протести. Предвидени се штрајкови во повеќе институции и блокади на улици. Ако повторно нема разбирање од Владата и од работодавачите дека платите мора да растат не е исклучена и можноста за генерален штрајк во јавен и приватен сектор. Барањето е јасно 600 евра минимална плата и по 100 евра зголемување на сите останати плати, изјави за „Локално“, Иван Пешевски од ССМ.

Тој вели дека не држи вода тврдењето на работодавачите дека ако се зголеми минималната плата се прави притисок и на останатите плати, односно ако не се зголемат другите плати работниците ќе бидат демотивирани. ССМ не бара да се зголеми само минималната плата, туку и сите останати плати. Тие сметаат дека зголемување на платите од 100 евра за големите компании не значи ништо, а за работниците ќе значи дополнителен мотив за поголемо залагање, поголема додадена вредност, поголема продуктивност….

Иван Пешевски/Фото: Фејсбук

-Од Владата упорно се обидуваат да ни дадат до знаење дека Законот за минимална плата ние сме го донеле заедно со претходната влада и оти треба да го почитуваме. Ние сме за почитување на законите, но мора да се има разбирање и политичка воља да се интервенира во оние закони кои треба да го зачуваат животниот стандард. Овие законски решенија треба да се менуваат според потребите на работниците и според растот на инфлацијата, додава Пешевски.

Од ССМ сметаат дека повисоките казни за супермаркетите не се решение за инфлацијата, бидејќи тие пари повторно ќе отидат во буџетот, а не кај граѓаните.

Од ССМ додават дека зголемените плати на работниците не значи дека тие повеќе ќе трошат од вообичаено, но значи дека покомотно ќе живеат односно ќе имаат пари за одмор, за некое патување… Со други зборови не мора да значи дека зголемувањето на плати без поголема продуктивност ќе доведе до поголема инфлација.

Податоците на крајот на годината покажаа дека олигарсите завршија со милионски профити на своите сметки, а работниците со минус на своите картички и задолжени до гуша со потрошувачки и станбени кредити.

Б.С.