Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ реагираше на обвинувањата на СДСМ по неговото учество на прослава во Република Српска заедно со „Ноќните волци” на рускиот претседател Владимир Путин. Во својата објава на социјалните мрежи, Стоилковиќ ги обвинува СДСМ дека се „профитери“ и „лауреати на идентскиот геноцид врз Македонија“. Тој исто така, меѓу другото, додава дека „се бори за македонските интереси“.
„Лауреатите на идентитетскиот геноцид врз својот народ и родената држава – кои народот се повеќе ги препознава како политички абортуси, а македонскиот народ како фабричка грешка во националниот код, збрлавена глутница на изгубени души собрани „еден од ваму, друг оттаму“ и втерани во некогаш, нели славниот СДСМ, исклучиво заради личните интереси на највалканиот меѓу нив, желни за ронка внимание од македонската јавност, особено онаа патриотската, денес мене (во последно време нивната омилена тема, Вучиќ, Србија, српскиот народ) ми се настрвија, божем заради тоа што на Денот на Свети Стефан присуствував на прославата на Денот на Република Српска во Бања Лука, што, впрочем, го правам откако е воведен овој празник, и тоа воопшто не ме поколеба во мојот став, никогаш и по никоја цена да не ги загрозам интересите на македонската држава и на македонскиот народ по кое било прашање, како политичар, а пред сè како човек, за разлика од некои други, туку да се борам за нив насекаде, вклучувајќи го и овој собир, на кој помеѓу другите присуствуваа и Род Благојевиќ, еден од блиските соработници на американскиот претседател Доналд Трамп, Едвард Хусон, универзитетски професор и геополитички аналитичар, како и многу други светски познати интелектуалци.
Ја разбирам потребата на лузерите малку да се стоплат на моето родољубие, напаѓајќи го мојот народ и мене без причина, не го разбирам безбожништвото со кое го прават тоа. Но, веројатно е така кога Сонцето го гледате од Пеколот во кој самите сте се вовлекле и каде што не ви преостанува ништо друго освен да истурате салви гнасотии врз подобрите од себе и врз оние помили на народот. А што се однесува до придобивките од мојата посета на Бања Лука, цела Македонија има корист што видлива што невидлива од овие контакти вклучително и вие, кутри, мизерни , “Сироти мали (профитерски) хрчки“, стои во објавата на Стоилковиќ.
Во партиското соопштение на СДСМ се потсетува дека Стоилковиќ уште во 2017 година, за време на тогашната политичка криза, учествувал на средби во Москва и бил меѓу потписниците на таканаречената „Декларација за воена неутралност на Балканот“, иницијатива што, според СДСМ, била поддржана од руски дипломатски кругови со цел да се спречи проширувањето на НАТО во регионот.
Од партијата наведуваат и дека Стоилковиќ бил дел од поширока регионална мрежа на политички контакти, во која биле вклучени и српски безбедносни структури. Како дополнителен аргумент се посочуваат истражувања на меѓународни новинарски мрежи, меѓу кои и OCCRP, кои претходно укажувале на активности на странски разузнавачки служби во земјата за време на кризата во 2017 година.
СДСМ потсетува и на поновите активности на Стоилковиќ, вклучително и неговото присуство на безбедносен форум во Москва во мај 2023 година, организиран од Советот за безбедност на Руската Федерација, каде што, според нив, присуствувале и регионални политичари познати по своите проруски позиции.
СДСМ: Дали Стоилковиќ е офицер за врски со СНС и Русија во владата на Мицкоски?