Атанасоски: Реториката на премиерот кон Бугарија е водена од дневнополитички популистички наративи кои му носат поени кај гласачкото тело, кое бара да се прекинат преговорите со ЕУ

„Наративот на власта само го држи „проблемот “ отворен и создава се поголем јаз помеѓу нас и Бугарија за некогаш на среден или подолг рок да се најде некакво излезно решение“, вели политичкиот аналитичар за „Локално“

од Nikola Popovski
80 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/Алсат-М ТВ

Не е изненаден од бугарската формулација „достапен јазик“ за македонскиот јазик. Премиерот Христијан Мицкоски вели тоа е само уште една потврда дека зад барањето за уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот, стои обидот за комплетно редефинирање на македонскиот идентитет. Во деновите на простување, сплотување и обединување конечно сите заедно и власт и опозиција ќе сфатиме дека за вакви прашања треба да сме заедно, додаде Мицкоски жалејќи како што рече што претходната власт воопшто го прифатила тој предлог.

Претходно премиерот посочи дека Акцискиот план за малцинствата подготвен од експерти од Брисел им го доставил ден претходно на бугарските власти, согласно советите од таму како знак на добра волја.

„Го доставивме на македонски јазик, бидејќи друг немаме“, додаде Мицкоски, откако бугарското МНР со реакција изрази загриженост поради отстапувањата на Скопје од европскиот консензус од 2022 година. Посочувајќи ја изјавата на македонскиот премиер Христијан Мицкоски, дека на Бугарија ѝ пречело тоа што на македонски јазик е Акцискиот план за малцинства, испратен до Софија.

Бугарското МНР во соопштение објавено на веб страницата на институцијата, објави дека „Република Бугарија со загриженост ги забележува последователните тези на властите во Скопје, кои остро се разминуваат со есенцијата на Европскиот консензус од 2022 година“. Во него не се спомнува  македонски јазик, туку „достапен јазик“ за граѓаните на Македонија и се наведува дека во Скопје нацртот бил претставен на англиски.

Македонските власти сè повеќе зборуваат за „бугарски притисок“, за „удари врз идентитетот“ и за „нови услови“. Дел од јавноста оценува дека станува збор за вистинска одбрана на државата, а дел дека намерно го одржува и поттикнува конфликтот. Според политичкиот аналитичар, Благојче Атанасоски, „реториката на премиерот е водена од дневнополитички популистички наративи кои му носат и победа и поени кај гласачкото тело кое, не само што смета дека така треба да ја водиме надворешната политика кон Бугарија и ЕУ, туку е и поригидно: бараат да се прекинат и преговорите со ЕУ (поради наметнатите барања од Бугарија и ЕУ), и да се раскинат сите „предавнички “ договори, како Преспанскиот и тој со Бугарија“. Според него, ваквиот наратив, само го држи „проблемот “ отворен и создава се поголем јаз помеѓу нас и Бугарија некогаш на среден или подолг рок да се најде некакво излезно решение.

-И секако создава контра реакции во политичка Софија од националистички струи и политичари да бараат уште потврд став на Бугарија кон македонските евроинтеграции, посочува аналитичарот.

Запрашан дали се ставаат вистинските проблеми под тепих со сето ова одржување на „тензии“, соговорникот оценува дека pроблемите се огромни: од економско-социјален аспект, па се до загадување на амбиенталниот воздух, преку нефункционални институции на системот, корупција, нефункционален судско-обвинителски систем , лош животен стандарт и масовно иселување.

-Сето ова може(ше) да се реши преку асоцијативни преговори со ЕУ, бидејќи практиката така и покажала со другите посткомунистички источно европски земји, кои денес се членки на ЕУ. Ние во овие 35 години покажавме дека немаме институционален капацитет овие работи да ги решаваме, и ги трупаме под тепих, а тие само ни се наталожуваат. Политиката на меѓусебно обвинување, реторика на префрлање на одговорноста оди само кон поларизација на општеството, нови фрустрации и ново масовно иселување во периодот и децениите кои следуваат, тврди Атанасоски.

Тој е дециден дека сите наталожени проблеми, се решаваат преку пристапните преговори со ЕУ – за да го затворите поглавјето за животна средина и управување со отпад, не може да имате ваков загаден воздух, и вакви загадени реки и езера.

-Да го затворите поглавјето за владеење на правото, не може да имате вакво зависно од политички центри на моќ, правосудство и обвинителство. Да го затворите поглавјето за јавна администрација, не ќе може да имате ваква партизирана , гломазна и неефикасна јавна администрација итн. Се друго е заблуда дека ние „сами“ ќе си ги средиме проблемите без пристап кон ЕУ. Видовме овие 35 години дека проблемите не само што не ги решаваме, туку ги мултиплицираме, истакнува аналитичарот.

Без европски притисок, дали Mакедонија се отвора за надворешни влијанија и зависности од други земји – Србија, Русија, Кина…? Ова следува откако опозицијата изминатиов викенд не пропушти да го поврзе гостувањето на вицепремиерот Иван Стоиљковиќ на прославата на Република Српска, токму со овие влијанија…Според Атанасоски, Македонија веќе е подложна на „други“ влијанија, односно на споменатите земји.

-И нормално, колку повеќе е оддалечена од патот кон ЕУ, толку повеќе ќе има пенетрација на српско, и прокси руско влијание. Можеби во иднина и директно руско. Сето тоа за држава која е мултиетничка , мултиконфесионална со етнички заедници кои се „имуни“ на овие влијанија , на долг рок може да отвори проблем и со уставно-правниот политички систем на државата и нејзината унитарност, за жал, заклучува аналитичарот.