ВЛЕН им честиташе на Лимани и Шабани за победите во Гостивар и Врапчиште

-Овие избори јасно докажаа дека Албанците зборуваа со еден глас. Десетте освоени општини се неоспорен доказ дека ВЛЕН е политичката локомотива на Албанците, порачаа од владеачката коалиција

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: Принтскрин

Од ВЛЕН велат дека се апсолутен победник на локалните избори, со 10 освоени општини, силно потврдувајќи ја, како што велат, граѓанската доверба и широката поддршка што Албанците ја дадоа за промените.

-Го поздравуваме официјалното завршување на локалниот изборен процес, кој заврши вчера со повторените избори во Гостивар и Врапчиште. Во оваа пригода, им честитаме на кандидатите на опозицијата, Валбон Лимани и Исен Шабани, за нивната победа.

Овие избори јасно докажаа дека Албанците зборуваа со ЕДЕН ГЛАС. Десетте освоени општини се неоспорен доказ дека ВЛЕН е политичката локомотива на Албанците, силата што води, обединува и носи долгоочекувана промена на локално ниво.

ВЛЕН ќе продолжи да работи одговорно, за граѓаните и во интерес на Албанците насекаде, трансформирајќи ја оваа доверба во конкретна работа и вистински развој, стои во партиското соопштение.

Ваљбон Лимани, кандидатот на коалицијата предводена од ДУИ, е победник на повторените локални избори во општина Гостивар. Според првичните податоци, Лимани освоил 64,48 насто, додека неговиот противкандидат Невзат Бејта од коалицијата ВЛЕН добил 31,56 проценти од гласовите. Во Маврово и Ростуше победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Онер Јакупоски, додека во општина Врапчиште нов мандат доби кандидатот на коалицијата на ДУИ, Исен Шабани.

Во општина Центар Жупа, за градоначалник е избран Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците, кој беше и единствен кандидат на изборите во оваа општина.