Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ алармира и јавно бара итна, темелна и независна истрага за сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во град Скопје. Оттаму информираат дека во општина Карпош, во изминатите денови, се појави нова глутница кучиња – животни кои се целосно непознати за локалното население, кои не се дел од постоечката улична популација и кои се појавија буквално преку ноќ. Станува збор за нестерилизирани и необележани кучиња, што јасно укажува дека ова не може да биде природен прираст, туку насилна дислокација.
-Јавно и одговорно тврдиме дека станува збор за организирано внесување кучиња, затоа што ЈП „Лајка“ нема оставено, ниту пак има испуштено ваква бројка нестерилизирани и необележани животни на ниту една локација во Скопје. Граѓаните со години ги познаваат кучињата во своите маала – овие животни не се нивни. Дополнително, нашето здружение на терен пронајде кучиња со ушни маркици од Република Албанија, на улица во Скопје, факт кој отвора исклучително сериозно прашање за нелегален, па дури и прекуграничен транспорт и напуштање на животни.
Бараме целосна проверка на сите безбедносни камери, јавни и приватни, на локациите каде кучињата се појавиле, како и на сите влезно-излезни правци кон Скопје. Бараме МВР и Јавното обвинителство да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара овие животни, затоа што ова не е изолиран чин, туку логистички организирана активност, велат од здружението.
Според „Анима Мунди“, масовното напуштање и дислоцирање на кучиња претставува суровост, но и сериозна општа опасност.
-Затоа Анима Мунди одамна бара измена на законската рамка. Поднесовме конкретни предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, со кои бараме најстрого регулирање на сопствеништвото на кучиња, како и предлог-измени на Кривичниот законик со кои напуштањето миленик, суровоста и предизвикувањето општа опасност ќе се третираат како кривични дела, по примерот на Република Хрватска.
Истовремено упатуваме јавен и итен повик до ЗЕЛС – ова прашање мора да се отвори и дискутира на ниво на сите градоначалници. Секоја општина мора да ја третира проблематиката со уличните кучиња хумано и согласно закон: со масовна стерилизација, јасна евиденција и најстроги санкции секаде каде што ќе се утврди доказ за масовно дислоцирање, истакнуваат од Здружението и јасно укажуваат дека ниту Лајка , ниту било кое јавно претпријатие не можат да го решат овој проблем во услови на институционална инертност и толерирање на криминал.