Фрчкоски објави нова „бомба“: „51 тендер и 16 милиони евра за омилена фирма на ВМРО-ДПМНЕ“

„Едни исти омилени фирми блиски до ВМРО добиваат милионски тендери за многу краток период, кои не можат да се добројат. Само од општина Аердором оваа омилена фрима има добиено 22 тендери. Од Гази Баба 10, но и од Ѓорче Петров, Прилеп, Битола, Гевгелија…секаде каде градоначалниците се од ВМРО“, соопшти Фрчкоски

од Nikola Popovski
159 прегледи

Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Јон Фрчкоски денеска информираше за нова „бомба“ со сомнителни тендери, откриена од Антикорупцискиот тим на СДСМ. Според Фрчкоски, преку дигиталната платформа „МИЦКО.мк“, граѓани доставиле нови информации за фирмата за која, како што вели, веќе еднаш говоревме и кои денеска ќе ги објавиме.

-Станува збор за „Пирамид билдинг солушнс“. Фаворит, за добивање тендери по општините под контрола на ВМРО. Од 2022 година, периодот од минатите локални избори до денеска, оваа фирма во општините под контрола на ВМРО има добиено 51 тендер. 51 тендер! Вредни неверојатни 16 милиони евра!

Едни исти омилени фирми блиски до ВМРО добиваат милионски тендери за многу краток период, кои не можат да се добројат. Само од општина Аердором оваа омилена фрима има добиено 22 тендери. Од Гази Баба 10, но и од Ѓорче Петров, Прилеп, Битола, Гевгелија…секаде каде градоначалниците се од ВМРО.

Низа на тендери финансирани со средства од унгарскиот кредит исто така завршиле кај оваа фирма. Додека парите завршуваат кај фирми блиски до власта, граѓаните плаќаат и тоа со камата. Последниот тендер, во декември 2025 година е со Град Скопје. Веднаш по седнување на Орце Ѓорѓиевски во фотељата, оваа омилена фирма на власта добива тендер вреден 320.000 евра, истакна членот на СДСМ.

Како што вели, свиркачите коишто ни ги доставија информациите преку дигиталната платформа МИЦКО.мк наведуваат дека „брачни другари на високи финкционери во ВМРО биле дури и на платен список на оваа компанија, преку договори за дело“.

-Овие информации ги истражуваме и дополнително ќе ги објавиме. АКТ ќе го разоткрие целиот систем за испумпување на парите на граѓаните. Сега на сите во Македонија им е јасно зошто земјата намерно се држи во изолација? Еве зошто. За пари. За криминални тендери. Јавното обивнителство, Финансиската полиција, ДКСК дали уште ќе молчат или конечно ќе преземат нешто за скандалите кои ги објавува СДСМ, праша Фрчкоски.