А зошто само пушачите се на удар?

Полесно е да му кажеш на човек да излезе надвор да пуши, отколку да му кажеш на казино да затвори затоа што уништува животи.

од Vladimir Zorba
58 прегледи Фото: ChatGPT

Државата, кога сака да изгледа принципиелно, секогаш тргнува од најбезбедното место. Од таму каде што никогаш не се очекува вистински отпор, нема телефони што ѕвонат во кабинетите. Така и сега. Удри по пушачите. Јавно, гласно и со чувство дека направила нешто големо.

Не ме разбирајте погрешно. Јас не пушам. Немам ни грам сентимент кон чадот, кон мирисот на пепел по јакните, кон кафулињата кои наликуваат на гасна комора… Забраната за пушење е оправдана. Воздухот не е ничија приватна сопственост. Но проблемот не е во тоа што државата удира по пушачите. Проблемот е во тоа што тука застанува.

Пушачот е видлив. Со цигара в рака, лесна мета. Индивидуалец без заштита. Нема лоби. Нема реклами. Нема спонзорства. Нема кампањи што ќе се урнат ако се донесе строг закон. Затоа е идеален за дисциплинирање. Го казнуваш, го истеруваш надвор и си одиш дома со чувство дека си вовел ред.

Ајде сега да погледнеме малку подалеку од чадот.

Коцкарниците. Казината. Обложувалниците на секој агол – до училишта, до пекарниците, до банките. Храмови на лажна надеж, осветлени како евтини дискотеки во кои никој не излегува среќен. Таму луѓе не губат здравје полека, туку живот одеднаш. Таму не се трујат бели дробови, туку цели семејства. И за тоа, државата не презема речиси ништо.

Државата не само што не ја пристегнува коцката, туку ја негува. Ја рекламира. Ја легитимира. Ја става на спортски дресови, на билборди, на телевизии. „Играј одговорно“ е најциничната реченица што некогаш била напишана со ситни букви. Како да му кажеш на давеник поелегантно да мавта со рацете.

Секој знае некого што оставил цела плата во казино. Некој што се колнел дека е последен пат. Некој што позајмил, па уште еднаш, па уште еднаш. Но државата тоа не го гледа како јавен проблем. Го гледа како приход. Данок. Концесија. Буџетска линија. Додека парите течат, трагедијата е приватна работа.

Потоа доаѓаат легалните лихвари. Не оние од темните улици, туку оние со стаклени канцеларии и насмевки обучени на семинари. Брзи кредити, уште побрзи долгови. Камати што на хартија изгледаат пристојно, а во реалност се доживотна казна на рати. Тие не ти ја земаат куќата одеднаш. Ти ја цицаат полека, законски, со потпис и со печат.

Сè е по закон. И токму тоа е најстрашното. Законот е напишан така што ги штити. Како чадор над систем што се храни со сиромаштија. И никој не зборува гласно, затоа што тие се „бизнис“, а бизнисот кај нас е света крава. Кога ќе се спомне ограничување, веднаш следува зборот „инвестиции“. Како човечката беда да е економска гранка…

Зошто државата не е храбра тука? Затоа што тука веќе не се работи за навика, туку за моќ. За пари. За врски. За спонзорства. За кампањи. За спокојство што се купува скапо. Полесно е да му кажеш на човек да излезе надвор да пуши, отколку да му кажеш на казино да затвори затоа што уништува животи.

Вистински правичен систем не би бил селективен. Ако веќе се бориме против зависности, тогаш борбата мора да биде непријатна. Со коцката. Со лихварството. Со рекламите што продаваат илузии. Со каматите што немаат никаква врска со пазар, туку со алчност. Но за тоа треба нешто што ретко се гледа во институциите, а тоа е – кичма.

И најопасното во целата приказна е што ова селективно морализирање создава лажна слика за напредок. Луѓето добиваат впечаток дека нешто се средува, дека конечно има ред. А всушност, тоа е евтина козметика. Замена на тешките битки со лесни победи. Држава што сака да изгледа строго, но не и да биде праведна.

Затоа, нека важи забраната за пушење. Јас ја поддржувам. Но, не смее тука да заврши грижата за општеството. Додека државата ги дисциплинира слабите, а ги штити силните, редот ќе биде само добро напишана лага. А воздухот, колку и да е почист, нема да ја скрие смрдеата на лицемерието.

Локален херој