Молдавската претседателка Маја Санду изјави дека би гласала за обединување со Романија доколку прашањето некогаш се стави на референдум, нагласувајќи дека за Молдавија станува сè потешко да „преживее“ како независна земја.
Молдавија, земја со околу 2,4 милиони луѓе сместена помеѓу Романија и Украина, во последните години стана цел на руски хибридни операции, вклучувајќи кампањи за дезинформации и мешање во избори, објави „Политико“.
„Да имавме референдум, би гласала за обединување со Романија“, рече Санду, шефицата на проевропската влада во Кишињев, во интервју за британскиот подкаст „Остатокот е политика“.
„Погледнете што се случува околу Молдавија денес. Погледнете што се случува во светот. Сè потешко и потешко е за мала земја како Молдавија да преживее како демократија, како суверена држава и, секако, да се спротивстави на Русија“, нагласи таа.
Молдавија беше дел од Романија од 1918 до 1940 година, кога беше анексирана од Советскиот Сојуз. Прогласи независност во 1991 година, по падот на Железната завеса.
На референдумот одржан во 2024 година, тесно мнозинство Молдавци, 50,4 проценти, гласаа за членство во Европската Унија. Санду освои втор мандат на паралелни претседателски избори со околу 55 проценти од гласовите, победувајќи го прорускиот противник.
Иако отворено ја изрази својата лична поддршка за идејата за обединување, Санду нагласи дека оваа опција во моментов нема мнозинска поддршка во Молдавија, за разлика од пристапувањето во Европската Унија, за кое земјата официјално аплицираше во 2022 година.
Анкетите на јавното мислење покажуваат дека околу две третини од Молдавците се противат на обединувањето со Романија, додека поддршката за идејата традиционално е многу поголема во Романија.