МНР апелира до македонските граѓани да не патуваат во Иран

Апелот важи и за македонските граѓани кои се наоѓаат на територијата на Иран, истата да ја напуштат во прва прилика

од Nikola Popovski
12 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Сител Тв

Поради влошената безбедносна состојба во Исламска Република Иран, Министерството за надворешни работи апелира до македонските граѓани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, истата да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика.

Истовремено, се апелира да се одложат сите патувања кон Иран кои не се неопходни.

-Министерството за надворешни работи ги има ставено на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон +389 75 268 736, електронската адреса [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Анкара: +90 539 456 97 10, стои во соопштението на ресорот.

Со прекин на интернетот и телефонските линии, тешко е да се процени ситуацијата во Иран. Светските агенции јавуваат за стотици загинати и ранети, илјадници уапсени на протестите против режимот. Американскиот претседател Доналд Трамп вели оти Иран предложил преговори по неговата заканата дека ќе ја нападне Исламската Република поради крвавото задушување на демонстрациите.

Најголемите немири во Иран во последните три години почнаа на 28 декември поради растечките економски проблеми во земјата. Иранските верски власти се обидоа да имаат двоен пристап кон демонстрациите, нарекувајќи ги легитимни, додека истовремено спроведуваат строги безбедносни мерки. Тие ги обвинија САД и Израел за поттикнување немири и рекоа дека терористите ги киднапирале протестите.