Екс-градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов објави дека донел лична одлука да го „одмрзне“ своето членство во СДСМ, по, како што наведува, „доволно поминато време“. Во објава на Фејсбук, Костадинов посочи дека со овој чекор не ги менува ниту ги повлекува претходно изнесените ставови и позиции за прашања од јавен интерес.
Костадинов потенцира дека и понатаму стои зад сите ставови и позиции што претходно ги изнел по однос на прашања од јавен интерес, нагласувајќи дека ваквиот чекор не значи нивно менување или повлекување.
„Во овој момент не најавувам никаква форма на активен ангажман, туку стојам на располагање, со почит кон партијата, нејзините вредности и секој член поединечно“, наведе тој.
Во објавата, Костадинов порача и дека „единството бара подавање рака, држење до принципи и искрени разговори во име на секој еден социјалдемократ“.
Костадинов го замрзна своето членство во СДСМ лани во јули, откако лидерот на партијата, Венко Филипче, објави дека за градоначалник на Струмица ќе го кандидира општинскиот претседател на партијата, Марјан Даскаловски.
„Мојата партиска припадност од денес е замрзната во СДСМ, не со ова раководство, не додека СДСМ не се врати таму каде што и е местото, најмалку каде што е сега“, објави на својата фејсбук страна доцна вечерва Костадинов. „Ова не е крај… Во сегашната политичка слика, мојата кандидатура – од било која партија – е бесмислена. Не затоа што се плашам од пораз. Јас не знам што значи да изгубиш избори. Туку затоа што нема вистинска понуда за градот. Нема суштинска дебата. Нема нова визија. Нема предизвик“, објави тогаш Костадинов.
„Свесен за тешката состојба во која се наоѓа мојата партија, од безидејноста, сакам да помогнам за жал нема како… Во следните месеци, ќе започнам со креирање на ново интерпартиско делување, кое ќе биде презентирано по завршувањето на локалните избори. Целосно прецизна стратегија, доволно мотивирачка за да обедини авторитети што ѝ недостигаат на СДСМ, тешки за да бидат непривлечни за политичките авантуристи, и доволно забавни за да се пронајдат младите… Мојата стратешко политичка одлука за делување во СДСМ или можеби надвор од СДСМ ќе биде јавно кажана во два дела. Првата ќе биде септември, конечната по завршување на овие локални избори. До тогаш посакувам среќа да се победи во барем една општина“, додаде тогаш членот на СДСМ кој беше градоначалник на општина Струмица.