Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја заврши првата продажба на венецуелска нафта, вредна 500 милиони долари, потврди во средата функционер на администрацијата.
Функционерот, исто така, рече дека се очекуваат дополнителни продажби во наредните денови и недели.
Договорот првпат го објави „Семафор“, вклучувајќи информации дека приходите од продажбата се чуваат на банкарски сметки, вклучително и една во Катар, кои се под контрола на американската влада.
„Претседателот Трамп посредуваше во историски енергетски договор со Венецуела, веднаш по апсењето на наркотерористиот Николас Мадуро, кој ќе им користи на американскиот и венецуелскиот народ“, изјави портпаролката на Белата куќа, Тејлор Роџерс.
Таа, исто така, изјави дека разговорите со американските нафтени компании продолжуваат.
„Тимот на Трамп олеснува позитивни, тековни дискусии со нафтените компании кои се подготвени и сакаат да направат невидени инвестиции за обнова на нафтената инфраструктура на Венецуела. Претседателот Трамп ја штити нашата западна хемисфера од експлоатација од страна на наркотерористи, трговци со дрога и странски противници“, продолжи таа.
Договорот за нафта е првата продажба откако САД го соборија Мадуро, поранешниот претседател на Венецуела, претходно овој месец.
Трамп брзо сигнализираше дека американските нафтени компании ќе бидат вклучени во искористувањето на богатите нафтени резерви на Венецуела по апсењето на Мадуро. Минатата недела тој ги угости раководителите на голем број американски нафтени компании во Белата куќа.