Дали Македонија ќе го поддржи Гренланд или САД? Муцунски: Верувам во рационално решение

Министерот потсети дека е точно како САД е наш стратешки партнер со кого усогласуваме надворешна и безбедносна политика, но, како што вели, по однос на сите прашања, не сме единствена земја, за да не создава наративот дека нашата држава е единствената која што ги поддржува денешните активности

од Nikola Popovski
18 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Eureka Travel Explorer

Запрашан дали како држава ќе го поддржиме статусот на Гренланд или ќе застанеме на страта на Соединетите Американски Држави по напорите на претседателот Доналд Трамп за заземање на островот, шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски вели дека внимателно ја следат состојбата и веќе има дискусија во рамките на НАТО.

-Сакам да верувам дека ќе се најде некое рационално решение кое што е во согласност со меѓународното јавно право, а по однос на конкретни идни хипотетички дејствија, не би можел да кажам одговор, рече денеска Муцунски.

Министерот потсети дека е точно како САД е наш стратешки партнер со кого усогласуваме надворешна и безбедносна политика, но, како што вели, по однос на сите прашања, не сме единствена земја, за да не создава наративот дека нашата држава е единствената која што ги поддржува денешните активности.

-Секое позиционирање на нашата надворешна политика ја гледаме низ призма на конкретниот пример. По однос на Куба, повеќе земји-членки на ЕУ дадоа поддршка. По однос на секое друго конкретно прашања, треба да се консултираме со САД и ЕУ. Внимателно менаџираме со тие процеси, додаде Муцунски.

Данска и Гренланд ќе го продолжат дијалогот со Вашингтон и покрај „фундаменталното несогласување“ околу иднината на арктичкиот остров. По средбата со американскиот врв, шефот на данската дипломатија Расмусен потврди формирање работна група за разгледување на американските безбедносни загрижености, без да се преминат црвените линии на Копенхаген.

„Иако имаме фундаментално несогласување, се согласивме да формираме работна група која ќе ги истражи безбедносните грижи на претседателот, но притоа мора да се почитува територијалниот интегритет на данското кралство и правото на самоопределување на гренландскиот народ“, изјави Ларс Леке Расмусен, министер за надворешни работи на Данска.

Трамп вели дека нема да се откаже од опциите за Гренланд, тврдејќи дека островот е важен за заштита од Русија и Кина. Шведска и европските сојузници веќе најавија зголемено воено присуство во поддршка на данскиот суверенитет.