СДСМ: Две години нема зголемување на платите во Армијата

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија СДСМ реагира дека веќе втора година по ред нема зголемување на платите во Армијата на Република Северна Македонија, оценувајќи дека тоа е резултат на, како што наведуваат, неспособното и неодговорно владеење на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.

од desk4
7 прегледи Фото: Принтскрин

Од партијата потсетуваат дека во периодот кога тие биле на власт, платите бележеле континуиран раст во сите сектори, вклучително и во одбраната. Според СДСМ, во текот на седум години редовно се зголемувале примањата, а буџетските средства, како што велат, завршувале кај граѓаните, а не во сомнителни шеми и криминални тендери.

„Денес, со ВМРО-ДПМНЕ, парите завршуваат во криминални договори и коруптивни зделки. Владата на Мицкоски нема средства за повисоки плати во Армијата, нема пари за зголемување на минималната плата, ниту за раст на платите во јавниот сектор“, се наведува во реакцијата.

СДСМ оценува дека криминалот и корупцијата, заедно со политиките на изолација што ги спроведува актуелната влада, директно придонесуваат за влошување на економската состојба во земјата. Тоа, според партијата, резултира со помалку пари во буџетот, намалени инвестиции и зголемена економска несигурност за граѓаните.

Од СДСМ предупредуваат и на, како што велат, огромна буџетска дупка од околу две милијарди евра, што дополнително ја загрозува финансиската стабилност на државата.

„Антиевропските политики и кампањите против ЕУ и САД ја туркаат државата во изолација. Поради ваквиот пристап, Македонија се доведува во иста група со најсиромашните и најнестабилните земји во светот“, се наведува во партиското соопштение.

Од СДСМ нагласуваат дека одбраната е едно од клучните државни прашања и дека, како членка на НАТО, Северна Македонија мора да има силна и стабилна одбрана, како и задоволни и мотивирани припадници на Армијата.