Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Русија е европска земја и изрази надеж дека Европска унија ќе успее да воспостави стабилен и избалансиран однос со Москва, нагласувајќи дека тоа е од клучно значење за иднината на Европа, пренесе Index.hr.
Говорејќи пред стопанственици на новогодишен прием во градот Хале, Мерц истакна дека стабилноста во односите со најголемиот европски сосед е суштинска за иднината на Европа и на Германија. Овие ставови, како што оценуваат дел од медиумите, делумно отстапуваат од неговите претходни изјави, кои беа перцепирани како поостри кон Русија.
„Ако успееме да го вратиме мирот и слободата во Европа, ако конечно пронајдеме рамнотежа во односите со нашиот најголем европски сосед, мислам на Русија ако завладее мир и се обезбеди слобода, тогаш Европската унија, а со тоа и ние во Германија, ќе го положиме следниот испит и по 2026 година ќе можеме со доверба да гледаме кон иднината“, изјави Мерц.
Германскиот канцелар дополнително нагласи дека неговата порака не е поврзана со тоа што говорот го одржал во источниот дел на Германија. „Ова го зборувам каде и да се наоѓам во Германија“, рече Мерц, повторувајќи дека Русија ја смета за европска земја.