Општина Аеродром распиша јавен повик за закуп на покриен шанк во паркот „Авионче“

Општина Аеродром објави јавен оглас за издавање под закуп на урбана опрема, покриен шанк, преку електронско јавно наддавање што ќе се спроведе на платформата www.e-stvari.mk. Рокот за доставување пријави е до 13 февруари 2026 година, а електронското наддавање е закажано за 16 февруари.

од desk4
13 прегледи

Како што соопштуваат од општинската прес-служба, предмет на закуп е покриен шанк со вкупна површина од 118,76 квадратни метри, сместен во паркот „Авионче“ во населбата Ново Лисиче. Објектот располага со кафе-бар, кујна, санитарии, тераса и помошни простории, а се издава под закуп за период од пет години.

Меѓу посебните услови, најповолниот понудувач ќе треба во рок од 90 дена да постави детско игралиште со реквизити во паркот, да обезбеди редовно одржување на просторот, јавен пристап до тоалетите, систем за управување со отпад и 24-часовна чуварска служба.

Од Општина Аеродром посочуваат дека постапката е дел од напорите за транспарентно управување со јавниот простор, унапредување на парковската инфраструктура и создавање подобри услови за граѓаните, како и поддршка на локалниот бизнис.

Целосната документација и условите за учество се достапни на www.e-stvari.mk, како и на официјалната веб-страница на Општина Аеродром.