Левит информираше дека разговорите меѓу министрите за надворешни работи на Данска и Гренланд со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и државниот секретар Марко Рубио биле „продуктивни“, пренесува Index.hr.
„Тоа беше добар состанок. Двете страни се согласија да формираат работна група која ќе продолжи со технички разговори за преземањето на Гренланд“, изјави Левит.
Таа додаде дека ваквите разговори би требало да се одржуваат на секои две до три недели.
„Ова е процес што администрацијата има намера да го продолжи со Данска и со претставниците на Гренланд“, рече Левит, но притоа нагласи дека ставот на претседателот останува непроменет.
„Претседателот многу јасно го постави својот приоритет. Тој сака Соединетите Американски Држави да го преземат Гренланд, затоа што смета дека тоа е најдоброто решение за националната безбедност.“
Левит истакна дека присуството на европски воени сили на Гренланд нема да го промени ставот на Трамп. Претходно беше објавено дека сили од Франција, Германија, Обединетото Кралство, Холандија, Норвешка и Шведска се упатиле кон Гренланд.
Данска соопшти дека операцијата има цел да ја „зајакне способноста за дејствување во регионот“, додека Трамп претходно тврдеше дека само американска контрола може да го заштити арктичкиот териториј од влијанието на Русија и Кина.
Неколку часа пред изјавите на Левит, шефовите на дипломатиите на Гренланд и Данска остварија разговори со Венс и Рубио, но по состанокот порачаа дека и натаму постои „фундаментално несогласување“ околу иднината на овој дански автономен регион.