Богдановиќ: Очигледно СДСМ ќе се одалечува во наредниот период од дебати, лидерски средби, па можно е и од избори

ЗНАМ и Левица може вешто да го искористат просторот што СДСМ го остава со своето оддалечување од дебати и лидерски средби, вели екс-градоначалникот Богдановиќ за „Локално“

од Nikola Popovski
42 прегледи Фото: Фејсбук профил на Саша Богдановиќ

Мое мислење е дека СДСМ и лидерот на СДСМ требаше да се појават на лидерската средба и да ги кажат своите ставови и да искористат простор во медиумите за да ги пренесат своите политички пораки. Но, вака само се изолираа бидејќи на средбата се појавија сите парламентарни партии, а само СДСМ остана сама, вели за „Локално“ екс-градоначалникот на Центар и поранешен член на партијата, Саша Богдановиќ за отсуството на најголемата владејачка партија од лидерската средба во Клубот на пратеници.

Според него, ваквото исклучување од политичките процеси е штетно и не можете да влијаете на секојдневните политички случувања.

-Очигледно СДСМ ќе се одалечува во наредниот период од политички дебати, лидерски средби, па можно е и од изборни соочувања со што може да остави простор некој друг полека во иднина да го заземе просторот кој прирдоно му припаѓал на СДСМ, а тоа е левата страна на политичката сцена. Тоа вешто може да го искористат ЗНАМ и Левица, оценува Богдановиќ.

Околу тоа дали гледа сличности во раководењето на Венко Филипче со СДСМ, како што претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски раководел со неговата партија кога тој беше опозиција, соговорникот вели дека е нормално кога сте опозиција, чекате политички моменти за да поентирате и ги користите грешките и слабостите за да можете политички да поентирате но, сепак, додава, во политичкиот живот кога имате клучни политички и државни прашања треба да седнувате на маса и да дискутирате и да ги искажете своите аргументи.

-Вака оставате во политиката други да го креираат политичкиот живот во Македонија, а вие да бидете изолирани и на страна, потенцира Богдановиќ.

Изборот на Народниот правобранител прв на агендата. По лидерска средба која сите учесници ја оценија како конструктивна и на која беа отворени повеќе теми, веднаш се премина во нивна реализација, и се поставија одредени рокови. Претседателот на Собранието, Африм Гаши најави дека пратеничките групи веќе се координираат и до крајот на неделава, може да се очекува избор на Народниот правобранител за кој е потребно Бадентерово мнозинство.

По заедничкиот став, техничката влада да ги спроведе и следните редовни парламентарни избори, од СДСМ чиj лидер одби да присуствува на состанокот, оценуваат дека државата сè уште не е подготвена за демократски избори. Велат ќе продолжат да инсистираат на опстојување на Пржинската влада со сите демократски средства.

На пролет се очекува усвојување на нов Изборен законик – најавија лидерите на партиите. Една изборна единица е предлог прифатлив за сите. Дали ќе има отворени или затворени листи, ќе се определува ли цензус? Ќе се разгледува во Законодавниот дом. Пратениците до крајот на месецов ќе треба да се усогласат и за законот за прекршоци за кој е потребно двотретинско мнозинство, како би можел, како што беше и најавено од 1 февруари да профункционира проектот „Безбеден град“.

Н.П.