Суд во Унгарија пресуди дека партијата Фидес, предводена од премиерот Виктор Орбан, измислила „економски план“ од 600 страници и го припишала на опозицијата.
Во декември 2025 година, Орбан триумфално објави „економски план“ според кој Тиса, најголемата опозициска партија, наводно ќе дејствува доколку дојде на власт.
Во него се наведува дека Тиса ќе ги зголеми даноците за верските организации, ќе ја намали социјалната помош за семејствата и генерално ќе ги зголеми даноците за сите луѓе во Унгарија.
Сепак, според пресудата на унгарскиот суд, објавата на Орбан и наводниот „план на опозицијата“ се целосна измислица во режија на владејачката партија Фидес.
Ова го објави Петер Маѓар, лидерот на Тиса и најголем противник на Орбан.

Фото: Фејсбук/Петер Маѓар
„Унгарскиот суд пресуди дека не постои економски пакет Тиса. Судот соопшти дека ниту еден збор од најголемата лага на Орбан и неговиот тим не е вистина. Тоа е документ од 600 страници што Фидес го фалсификуваше и го објави на пропагандниот портал „Индекс“ во ноември. Секоја буква од тие 600 страници е лага. Потписите на документот се фалсификати“, објави Маѓар.
Тој додаде дека ова е огромен проблем за Орбан и Фидес во контекст на кампањата за априлските парламентарни избори.
„Со оваа судска одлука, кампањата на Фидес целосно пропадна. Виктор Орбан и неговиот тим ќе бидат одговорни пред судскиот систем за овој фалсификат и за кампањата на лаги финансирана од парите на даночните обврзници. Секој од нив“, додаде лидерот на партијата Тиса.
Патем, според последните анкети, Тиса има поддршка од 49 проценти од населението во Унгарија, додека Фидес е на 37 проценти.