Партијата на Аријанит Хоџа, Европска демократска партија, одлучила да ја прифати поканата на ДУИ да ѝ се придружи во опозициската коалиција.
„Централното собрание на Европската демократска партија, на состанокот одржан вечерва, ја разгледа поканата на Демократската унија за интеграција во врска со обединувањето на политичките сили во рамките на политичка формација.
Сметајќи го политичкиот моментум како важен во однос на најголемото можно политичко обединување на Албанците, како и за што посилно артикулирање во рамките на политички глас, особено по Конгресот на ДУИ, промените што се случија и усвоените резолуции, Централното собрание на Европската демократска партија оценува дека треба да се даде шанса на обединување во рамките на политичка партија која ќе продолжи да биде главен глас на Албанците во Северна Македонија.
Централното собрание го овласти претседателот на партијата да ги продолжи разговорите со претседателот на ДУИ и да ја пронајде најдобрата форма и модел за заклучување на овој процес“, се вели во соопштението на ЕДП.
Пред парлaментарните избори во 2024 година, Хоџа и неговата партија ЕДП (основана во август 2023) станаа дел од европскиот фронт на ДУИ, а во коалицијата НАИ на Ахмети настапија и на ланските локални избори.
Инаку, Хоџа беше министер за земјоделство во Владата на Зоран Заев, откако Беса направи предизборна коалиција со СДСМ во 2020 и нејзините тројца пратеници беа клучни за победата на Заев над Мицкоски по промената на уставното име.