Мицкоски: Над 225 милиони евра веќе пласирани од унгарскиот кредит, целосна реализација до крајот на првиот квартал

Повеќе од 225 милиони евра од вкупно 250 милиони евра од унгарскиот кредит веќе се пренесени до домашните компании, а се очекува средствата целосно да бидат искористени во првото тримесечје од годинава, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

од desk4
8 прегледи Фото: Фејсбук/Христијан Мицкоски

Како што посочи, кредитната линија се реализира преку Развојната банка, со поволни услови за стопанството.

„Досега се пренесени преку Развојната банка околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95 проценти, со грејс-период до три години и до 15 години рок на отплата“, рече Мицкоски.

Според најавите, целосното искористување на средствата се очекува во текот на првиот годинешен квартал, а ефектите од нивната реализација веќе се видливи во економските показатели.

„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година кредитот целосно да биде исцрпен. Заедно со сопствените средства што банките ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, овие средства ги поддржуваат стопанството и економијата. На тој начин, на инвестициската мапа Македонија е навистина водечка земја во регионот“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека ваквите резултати се темелат на економскиот раст остварен во првата половина, но и во текот на целата 2025 година.

„Процентот е двоцифрен. Споредно со истиот период во рамките на еврозоната, тоа е 2-2,5 проценти. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, нагласи премиерот.