Гостувајќи во емисијата Бизнис21 на ТВ21, Миноски истакна дека здравата економија подразбира заеднички интерес, доверба и одговорност, но дека ваквиот модел сè уште недостасува во домашниот политички и економски амбиент.
Сепак, тој смета дека актуелната политичка поставеност отвора можност за суштински пресврт. Според Миноски, стабилното владино мнозинство со кое располага Владата создава услови за спроведување длабоки структурни и административни реформи.
„Можеби како никогаш досега постои можност да се спроведат структурни реформи кои ќе бидат болни, но ќе го променат начинот на функционирање и на деловното опкружување и на самата економија“, нагласи Миноски.
Тој посочи дека економскиот раст е директно поврзан со создавање поволно и предвидливо деловно окружување, кое вклучува стабилна законска рамка, јасна и предвидлива даночна политика и конзистентни правила за бизнис-заедницата.
Како една од најчувствителните, но неминовни реформи, Миноски ја издвојува трансформацијата на јавната администрација. Иако бројот на вработени во јавниот сектор формално не отстапува значително од европските стандарди, проблемот станува поизразен кога ќе се стави во контекст на вкупната вработеност во земјата.
„Во Македонија стапката на вработеност е околу 56 проценти, додека просекот во Европската Унија е околу 72 проценти. Во такви услови, уделот на јавната администрација станува непропорционално висок“, предупреди поранешниот министер.
Според него, реформите не треба да се ограничат само на законски измени, туку мора да вклучуваат детална анализа на институционалните процеси и јасни политики за поттикнување на секторите во кои државата има реален развоен потенцијал.
„Потребни се суштински чекори што ќе донесат поефикасни институции и подобро насочување на ресурсите кон области со вистинска конкурентска предност за македонската економија“, заклучи Миноски.