ССМ најавува масовни протести и можен генерален штрајк: Бараме раст на сите плати, не само на минималната

Сојуз на синдикатите на Македонија најавува излегување на работниците на улица во наредниот период, со јасна порака дека зголемувањето на минималната плата не е доволно и дека е неопходен раст на сите плати.

од desk4
17 прегледи Фото: Фејсбук/Официјален профил на Сојуз на синдикатите на Македонија

Според синдикатот, доколку не се исполнат барањата, протестите може да ескалираат и во генерален штрајк.

Потпретседателот на Советот на ССМ за приватен сектор, Иван Пешевски, изјави дека незадоволството кај работниците е големо и дека синдикатот е подготвен на порадикални чекори доколку Владата и работодавачите не покажат слух за нивните барања.

Во изјава за ТВ Телма, претседателот на ССМ, Слободан Трајковски, посочи дека точниот датум за почетокот на протестите ќе биде утврден наредната недела, по седницата на највисоките органи и тела на синдикатот.

„Никој не треба да се двоуми или да се плаши дали да ни се придружи. Само обединети можеме да се избориме за достоинствени работнички права“, порачуваат од ССМ во рамки на подготовките за протестите.

Од синдикатот посочуваат дека минималната плата во Северна Македонија е најниска во регионот, особено ако се има предвид дека од јануари оваа година владите во соседните земји ги зголемиле минималните примања на 500 евра и повеќе. Наспроти тоа, како што велат од ССМ, домашните институции и дел од работодавачите продолжуваат да ги држат работниците на работ на сиромаштијата.

Според податоците на Статистика, за едно семејство да не се смета за сиромашно потребни се најмалку 31.200 денари месечно, додека минималната плата изнесува 24.379 денари, што е за 6.821 денар помалку. Воедно, околу 33,3 проценти од работниците во земјата примаат плата под 30.000 денари. Токму поради тоа, ССМ бара, покрај раст на минималната плата, сите плати да се зголемат за најмалку 6.000 денари, односно околу 100 евра.

На последната анкета спроведена од ССМ, дури 99,5 проценти од анкетираните работници изјавиле дека доколку платите не се зголемат до крајот на 2025 година, се подготвени на почетокот на 2026 година да излезат на протест. Од синдикатот велат дека ќе ја почитуваат изразената волја на работниците и ќе постапуваат согласно нивната одлука.