Села бара дијаспората да гласа по пошта по примерот во Косово

„Овие луѓе треба да имаат право да гласаат од местото каде што се“, рекол Села

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук/Зијадин Села

Лидерот на едното од трите крила на Алијанса за Албанците, Зијадин Села бара и дијаспората да може да го оствари своето право на глас по пошта, како моделот што се спроведува во соседно Косово.

„Мислам дека главната работа секогаш кога се поставува темата за изборните единици, покрај изборните единици, треба да биде и дијаспората. Дијаспората треба да гласа тука и тоа со правото на глас по пошта. Повеќе или помалку примерот на Косово е пријатен пример што треба да гласа по пошта, но и Албанија што го имплементираше истото. Дури и во овој период кога светот стана мал, кога веќе не е тој период на класични иселеници, кога нашите иселеници, нашите родители доаѓаат еднаш годишно. Овие луѓе треба да имаат право да гласаат од местото каде што се“, истакнал Села во интервју за „Лајм Тв“.

Одговарајќи на новинарско прашање за иницијативата на владиниот коалициски партнер ВЛЕН, со која се предлага дијаспората да добие повеќе права и можности за гласање на некои од наредните избори, пред неколку дена премиерот Христијан Мицкоски истакна дека пред сè треба да се дефинира дали државата ќе има една изборна единица.

„Пред да дојдеме до начинот на гласање на дијаспората, потребно е да дефинираме две работи. Прво, дали ќе имаме една изборна единица, бидејќи тогаш сите гласови би се слевале во еден базен, без разлика дали се гласови на резидентното население или на дијаспората“, рече Мицкоски.

Втората работа, според него, е фактот дека постојат држави кои не дозволуваат екстериторијално гласање надвор од дипломатско-конзуларните претставништва.

„Има држави кои дозволуваат организирање гласање исклучиво во рамките на дипломатско-конзуларните претставништва, но има и такви кои тоа воопшто не го дозволуваат. Тоа претставува реална пречка. Се согласивме дека треба да бидеме креативни и да продолжиме да размислуваме и разговараме, но во овој момент тоа да биде на ниво на координатори на пратеничките групи“, изјави премиерот.