Калас испрати порака до Трамп, но и предупредување до Европа

Обраќајќи се пред членовите на Европскиот парламент во Стразбур, Калас рече дека „не е тајна дека Гренланд е стратешки важен“, но дека островот им припаѓа на Гренландците. „Заканите и царините нема да го променат тоа. Суверенитетот не е на продажба“, рече таа.

од Vladimir Zorba
18 прегледи Фото: Принтскрин/Х

Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, денеска изјави дека Гренланд им припаѓа на Гренландците и дека суверенитетот не е на продажба, откако американскиот претседател Доналд Трамп се закани со царини за европските земји кои ги испратија своите сили на стратешки важниот арктички остров.

Обраќајќи се пред членовите на Европскиот парламент во Стразбур, Калас рече дека „не е тајна дека Гренланд е стратешки важен“, но дека островот им припаѓа на Гренландците. „Заканите и царините нема да го променат тоа. Суверенитетот не е на продажба“, рече таа.

Таа истакна дека НАТО може да ја обезбеди безбедноста на Гренланд, арктички остров во рамките на Кралството Данска, и нагласи дека „ниту една земја нема право да окупира територија на друга земја, ниту во Украина, ниту во Гренланд, никаде во светот“.

Американскиот претседател Доналд Трамп го разбранува светот со својата амбиција да го стекне Гренланд, доколку е потребно и со воени средства. Трамп ја изнесе идејата за преземање на контролата врз Гренланд уште во 2019 година за време на неговиот прв претседателски мандат, а во вториот мандат почна да ја критикува Данска дека не прави доволно за да го заштити островот.

Трамп отиде чекор понатаму, заканувајќи се дека ќе воведе дополнителни тарифи од 10 проценти почнувајќи од 1 февруари за осум европски земји, вклучувајќи шест членки на ЕУ, кои ги испратија своите војници на Гренланд за воени вежби. Тарифите ќе се зголемат на 25 проценти почнувајќи од 1 јуни и ќе останат во сила сè додека САД не го добијат Гренланд.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Калас, во вторникот ја повика ЕУ да остане смирена и обединета во услови на најновите закани, предупредувајќи дека тарифите на Трамп за европските стоки „би ризикувале да ги осиромашат и Европа и САД и да го поткопаат нашиот заеднички просперитет“.