Министерството за здравство: Со новиот закон се опфаќаат сите никотински производи

Со новиот предлог-закон за заштита од пушењето, за првпат се воспоставува целосна регулатива за сите никотински производи во државата, од класичните цигари, до електронски цигари со и без никотин, загреани тутунски производи, бездимни никотински производи, како и уреди што го имитираат пушењето, соопшти Министерство за здравство.

од desk4
11 прегледи

Како што информираат од Министерството, целта на законските измени е да се уреди употребата и на новите никотински производи, имајќи предвид дека тие создаваат чад или аеросол кој содржи штетни материи, а најновите истражувања укажуваат дека често доведуваат до побрзо развивање зависност.

Предлог-законот предвидува и забрана за производство, увоз и продажба на никотински производи со овошни, слатки, ментол, билни и други вкусови, за кои се смета дека ја олеснуваат првата употреба и го забрзуваат развојот на зависност. Од Министерството оценуваат дека оваа мерка претставува една од најсилните превентивни политики, применувани и во повеќе европски земји.

„Примарна цел на овој дел од законот е заштита на здравјето на младата популација. Најновите податоци покажуваат дека меѓу учениците на возраст од 13 до 15 години, девет проценти моментно користат електронски цигари, 4,9 проценти користат загреани тутунски производи, а 10,6 проценти изјавиле дека некогаш имале искуство со вакви производи“, изјави министерот за здравство Азир Алиу.

Во соопштението се нагласува дека предлог-законот е целосно усогласен со глобалните јавно-здравствени политики и со насоките на Светска здравствена организација, преку Рамковната конвенција за контрола на тутунот. Со него се воспоставува сеопфатен систем што ги вклучува клучните принципи на конвенцијата: заштита од изложеност на чад, ограничување на маркетингот и промоцијата, спречување на индустриско влијание преку спонзорства, контрола на достапноста, како и мерки за превенција и поддршка при откажување од пушењето.

Од Министерството порачуваат дека целта е намалување на употребата на никотински производи, особено кај младите, и зајакнување на јавното здравје преку построга и појасна регулатива.