Судскиот совет расправа за статусот на апелацискиот судија Ѓоко Ристов

Судски совет на Република Северна Македонија денеска ја отвори 535. итна седница, на која се разгледува прашањето за одземање на имунитетот и одобрување мерка куќен притвор за апелацискиот судија Ѓоко Ристов.

од desk4
11 прегледи

Дневниот ред беше усвоен со 10 гласа „за“, по што со исто мнозинство беше донесена одлука седницата да се одржува без присуство на јавноста. Јавноста ќе има можност да присуствува само при гласањето за одлуките.

Постапката следува откако Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција достави предлог до судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, со кој се бара на осомничениот судија да му биде определена мерка куќен притвор.

Покрај куќниот притвор, обвинителството предложило и дополнителни мерки на претпазливост, меѓу кои привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, како и забрана за издавање нова.

Апелацискиот судија Ристов е осомничен за кривични дела противправно стекнување и прикривање имот, како и за перење пари и други приноси од казниво дело. Според информациите, при полициска акција во домот на неговите родители во Неготино биле пронајдени околу 350.000 евра, заѕидани во ѕид, за кои постои сомневање дека се стекнати на незаконски начин.

Одлуките на Судскиот совет се очекува да имаат клучно значење за натамошниот тек на постапката.