Брутално убиство во близина на Рим: жена усмртена со повеќекратни убоди, осомничен сопругот

Во италијанското место Ангуилара Сабазија, на околу 30 километри од Рим, е пронајдено телото на 41-годишната Федерика Торцуло, за која истрагата утврди дека била убиена со повеќекратни убоди со нож.

од desk4
25 прегледи

Обдукцијата покажала дека жртвата се обидела да се брани, што го потврдуваат неколку одбранбени повреди, јавуваат италијанските медиуми.

Телото било пронајдено на земјиште во близина на фирма во сопственост на нејзиниот сопруг, Клаудио Карломањо. Според наодите на судската медицина, по убиството телото било прикриено, а дел од повредите укажуваат на употреба на тешка механизација при обидот за сокривање на трагите. Надлежните најавија дополнителни хистолошки и токсиколошки анализи, чии резултати се очекуваат во наредните месеци.

Истрагата ја води обвинителството во Чивитавекија, кое го товари Карломањо за тешко убиство и прикривање на телото. Тој засега не дал исказ пред обвинителите, а рочиштето за потврдување на притворот е закажано за утре во затворот во Чивитавекија. Истражителите работат на утврдување на мотивот, точната хронологија на настаните и на пронаоѓање на оружјето со кое е извршено делото.

Според италијанското законодавство, по воведувањето на т.н. „Codice Rosso“ во 2019 година, убиството на брачен или вонбрачен партнер се третира како фемицид и за него е предвидена најстрога казна – доживотен затвор. Законот предвидува и забрзани постапки, како и ограничување на олеснителните околности за ваков тип кривични дела.

Случајот предизвика силни реакции во италијанската јавност и повторно ја отвори дебатата за семејното насилство и заштитата на жените од тешки злосторства.