И покрај реакциите на скопјани дека снегот ги изненади надлежните, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на снегот од улиците и булеварите што се под надлежност на градот.
„Снегот не е изненадување во зима – подготвеноста е наша обврска! Од раните утрински часови, екипите на Град Скопје се постојано на терен и интензивно работат на расчистување на снегот од улиците и булеварите што се под надлежност на градот. Со цел навремена и ефикасна реакција, кризниот штаб е активиран 24 часа дневно, со континуирано следење и детектирање на сите клучни и критични точки. Безбедноста на граѓаните е наш приоритет“, објави градоначалникот на Скопје на социјалните мрежи.
Ѓорѓиевски упатува апел до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ги почитуваат сообраќајните правила и да ја прилагодат брзината и начинот на возење на зимските услови.
„Со одговорност, навремена акција и заедничка грижа – Скопје се движи безбедно и во зима“, истакна Ѓорѓиевски.
Граѓаните на социјалните мрежи објавуваа фотографии и видеа од замрзнати тротоари, автомобили со тешкотии при возење и подолги времиња за патување кон работа или училиште. Некои сообраќајни правци беа блокиранипоради неисчистен снег, додека други останаа тешко проодни поради мраз и ниските температури.
„Еден сантиметар снег и колапс во Македонија…Кој е овај резил бе, постојано истата слика“, се само дел од коментарите на граѓаните на социјалните мрежи по наврнатиот снег.