Српскиот претседател Александар Вучиќ денес изјави дека имал многу добар разговор со европската комесарка за проширување Марта Кос за актуелни теми во односите Србија-ЕУ, вклучувајќи ги реформските обврски и енергетската безбедност.
„Фокусот беше ставен на реформските обврски, зајакнување на владеењето на правото и институциите, подобрување на инвестициската средина, подобра поврзаност преку инфраструктура, како и енергетската безбедност и транзиција“, сподели Вучиќ на Инстаграм профилот „buducnostsrbijeav“.
Тој истакна дека разговарале и за тоа како да се забрза економската конвергенција преку европските инструменти и Планот за раст за Западен Балкан и да се отворат дополнителни можности за развој за економијата и младите.
„Особено нагласив дека е важно Србија да го зачува духот на дијалогот во регионот и во Европа во време на зголемени поделби, бидејќи ова е единствениот одржлив начин за решавање на отворените прашања, зачувување на мирот и создавање услови за долгорочен напредок“, рече Вучиќ.
Во текот на денот, се очекува Вучиќ да оствари бројни билатерални средби со светски претставници, а ќе присуствува и на обраќањето на американскиот претседател Доналд Трамп.