Лагард: Европа да покаже решителност и единство во новиот меѓународен поредок

Во интервју за француското радио RTL, таа оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп „често применува трансакциски пристап“ и дека тој „ја поставува летвата многу високо, на нивоа што понекогаш се целосно нереални, со цел да изнуди отстапки“, додека Европа треба да одговори на ваквите потези на координиран и силен начин.

од Vladimir Zorba
12 прегледи Фото: Фејсбук/Принтскрин/CNBC-TV18

Европа треба јасно да покаже какви инструменти има на располагање, да демонстрира колективна решителност и да зборува со еден глас, бидејќи тоа е единствениот начин да ги заштити своите интереси во новиот меѓународен поредок, изјави денес претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард.

Во интервју за француското радио RTL, таа оцени дека американскиот претседател Доналд Трамп „често применува трансакциски пристап“ и дека тој „ја поставува летвата многу високо, на нивоа што понекогаш се целосно нереални, со цел да изнуди отстапки“, додека Европа треба да одговори на ваквите потези на координиран и силен начин.

Според неа, неизвесноста предизвикана од американската трговска политика е поголем проблем од само инфлаторниот ефект на царините.

Лагард очекува инфлациското влијание на американските царини врз Европа да биде благ, при што негативните последици ќе бидат поизразени во Германија отколку во Франција, објави Ројтерс.

Таа забележа дека европските земји би биле многу поотпорни на вакви шокови доколку ги отстранат нетарифните трговски бариери во рамките на Европската Унија.

Во саботата, Трамп објави воведување на 10 проценти царини за стоки од Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска, почнувајќи од 1 февруари, со можност за зголемување на 25 проценти од 1 јуни.

Како што изјави, новите царини ќе бидат на сила сè додека САД не добијат дозвола за купување на данската територија Гренланд.

Големите членки на Европската Унија го оценија овој потег како политичка уцена и најавија одмазднички мерки и воведување царини за американски стоки во вредност до 93 милијарди долари, објавија медиумите.