СДСМ: Шилегов ја предаде партијата во координација со ВМРО-ДПМНЕ

„Обидите на ВМРО за рушење на СДСМ продолжуваат преку Шилегов“, тврдат од „Бихаќка“

од Nikola Popovski
49 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Откако поранешниот градоначалник на Скопје и поранешен пратеник Петре Шилегов се појави во телевизиска емисија и побара заминување на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, партијата синоќа се огласи преку соопштение. Оттаму велат дека обидите на ВМРО-ДПМНЕ за рушење на СДСМ одвнатре продолжуваат преку Петре Шилегов. Прашуваат дали членот на СДСМ е уценет или купен.

„Имајќи ги предвид неговите склоности, пороци, приватните слабости и долгови, предавството на Шилегов на сопствената партија и на членовите на СДСМ е очекувано. Како што впрочем најави и претседателот Филипче.

Сè е договорено, координирано и синхронизирано со ВМРО, нивните кујни и медиумскиот октопод Алфа-Алта.

Шилегов вечерва користеше иста реторика од прес конференциите и соопштенијата на ВМРО, дека сме биле „изолирана партија“ (термин на Мицкоски) која „седела со Груевски“. Зошто? За да го спаси Мицкоски од обвинувањата дека е криминалец!

Оваа специјална операција на ВМРО трае веќе неколку недели, секојдневно.

Жестоко удираат по СДСМ: Геро, Ивона, Бетмен, Наум, квислингот Деспотовски и на крај Шилегов. Сите ги командува еден центар: ВМРО. Целта е рушење на СДСМ.

Разоткриени се. А за тоа како функционира оваа спрега, заедно со Шилегов, се покажа вечерва. Објавите на порталите од кујните на ВМРО одеа во живо, додека трае емисијата, не чекаа ниту минути, мораше навредите на Шилегов за претседателот Филипче веднаш да се објават.

Дури Героски гостува и на поткаст, веднаш по завршувањето на емисијата. Минатиот пат ги координираше текстовите на Деспотовски“, стои, меѓу другото, во партискиот став на СДСМ.

Во гостување на „Топ тема“, Шилегов истакна дека согласно статусот на партија претседателот е тој кој го има конечниот збор или изборот на кандидатите за градоначалници, па да барате одговорност од сите, односно, сите да се криви за дебаклот на локалните избори, а само претседателот и највисокото раководство да не се.

„Да ја сведете поддршката на партијата на само стотина илјади гласови и само 15 пратеници, да станете петта партија во Скопје, трета во Македонија, што е тоа ако не катастрофа“, рече Шилегов.

„Ќе дојде до определени барања не само од моја страна, туку од сериозна групација во партијата, меѓу кои има и актуелни пратеници, кои исто така немаат никаква комуникација со раководството. Кога ќе излезат од партијата дел од пратениците, можеби половина од пратеничката група, кога дел од општинското раководство ќе ви ги затвори вратите, тогаш ќе сфатите дека мора да си заминете од функција“, додаде членот на СДСМ.