„Чебрен“ и „Галиште“ синоним за неисполнети ветувања – повеќе од 60 години под прашина

-Не само што ниеден од овие електроенергетски објекти не се изгради, туку не се постави ниту еден камен темелник за почеток на изградба, вели екс-министерот за финансии, Хајредини за „Локално“

од Nikola Popovski
142 прегледи Фото: Принтскрин/Фејсбук

Премиерот Христијан Мицкоски најави рестартирање на заборавените енергетски проекти, за изградба на хидроцентралите „Чебрен“, „Галиште“ и „Бошков Мост“. Енергетските експерти велат дека за овие проекти се зборува повеќе од 60 години, а причината зашто досега не се реализирале е што државата нема капацитет за нивна изградба. Според нив, во вакви услови кога буџетот е празен невозможно е државата сама да го гради, затоа сметаат дека најдобро решение е да се изградат со стратешкмо партнерство.

Енергетскиот експерт, Константин Димитров за „Локално“ вели дека нивната реализација е одложувана повеќепати поради различни причини, а главната причина е што државата нема пари.

Констатин Димитров – Фото: Принтскрин/Јутјуб

-Ова се проекти кои се многу скапи, а важни за Македонија. Штом се зборува значи има некое помрднување кон изнаоѓање на финансиско решение. За „Чебрен“ и „Галиште“ веројатно има надеж да се реализираат со стратешко партнерство со САД. И добро е од овој аспект да се размислува за стратешка соработка. Во Македонија економската состојба е многу лоша и нема никакви изгледи овие проексти да се реализираат ниту од финансиски аспект, ниту од аспект на опрема, работници…, изјави Димитров.

Според него подобро е овие проекти да се изградат во партнерство со САД, отколку со Грција која ни ги зема сите ресурси. Вака барем управувањето со водата ќе биде оставено на Македонија.

Пред една година министерката за енергетика, Сања Божиновска рече дека за ХЕЦ Чебрен нова студија нема да се прави и оти ќе се искористат постојните, а планот е тоа да биде државен проект. Но оттогаш поминаа повеќе од една година и повторно заборавивме на „Чебрен„ за кој во ЕСМ постојат студии од 1960 година, а последната е од 2022 година. Инаку според досегашните финансиски проекции овој проект би чинел околу една милијарда евра.

Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини за „Локално“ коментира дека овие и уште некои други електроенргетски проекти Христијан Мицкоски ги најавува уште во времето кога беше директор на Електростопанство и генерален секретар на ВМРО во партиската програма „Преродба во 100 чекори“.

Џевдет Хајредини – Фото: Јутјуб/Принтскрин/НБРМ

-Не само што ниеден од овие електроенергетски објекти не се изгради, туку не се постави ниту еден камен темелник за почеток на изградба. Државата нема капацитет за изградба на вакви објекти и затоа со години ги споменува, а ништо не прави, вели Хајредини.

Од Здружението Инженери на Македонија, пак ги поздравуваат најавите за можна изградба на хидроцентралите „Чебрен“, „Галиште“ и особено, „Бошков Мост“, бидејќи како што велат станува збор за итно потребни капацитети чие производство на електрична енергија е од клучно значење за државата и за граѓаните. Хидроцентралите се исклучително важни извори кои природно се надополнуваат со фотонапонските и ветерните електрични централи, особено во периодите кога нивното производство е намалено.

-Во однос на складирањето на електричната енергија, предлагаме изградба на посебна реверзибилна хидроцентрала со природен горен резервоар во околината на Езерото Козјак, наместо „Чебрен“, за кој сметаме дека е посоодветно да биде класична акумулациона хидроцентрала. Иако овие проекти се значајни, уште еднаш сакаме да ја нагласиме исклучителната важност на проектот „Вардарска Долина“ со 12 хидроцентрали. Овој проект би произведувал околу 1.309 гигават часови електрична енергија годишно и во комбинација со фотонапонските и ветерните електрични централи, во голема мера би ја намалил потребата од складирање и увоз на електрична енергија, обезбедувајќи долгорочна енергетска стабилност за државата. Во тој контекст, апелираме Владата да не гради нова железничка пруга во просторот резервиран за „Вардарска Долина“, бидејќи таквата интервенција би го оневозможила овој стратешки енергетски проект и би ја загрозила идната енергетска независност на државата, велат од Здружението.