Зголемувањето на платите и милијардите евра владини инвестиции оваа година треба да ја поттикнат германската економија. Сепак, Бундесбанкa предупредува дека закрепнувањето зависи од тоа како се инвестираат парите.
Во нов извештај, централната банка проценува дека домашната економија полека ќе добива на интензитет од почетокот на годината, по две последователни години рецесија и кревок раст во 2025 година.
Неодамнешните песимистички проценки од компаниите укажуваат дека „економската активност ќе се забрза претпазливо во првиот квартал“, објави ДПА.
Бруто домашниот производ на Германија едвај влезе во „плус“ минатата година – според прелиминарните податоци од Дестатис, растот изнесуваше 0,2 проценти.
Земјата избегна рецесија благодарение на кварталниот раст на крајот на 2025 година.
Бундесбанка вели дека домашната индустрија оживеала и дека трендот на закрепнување ќе продолжи на почетокот на оваа година, бидејќи побарувачката од странство се движи во насока на раст „и покрај товарот на американските тарифи“.
На домашниот пазар, договорите за одбрана и оружје во вредност од милијарди евра даваат поттик, а „силно растечките плати отвораат простор за дополнително приватно трошење“.
Владата обезбеди огромна сума пари оваа година преку задолжување за инвестирање во транспортна инфраструктура и одбрана. Ова нема да предизвика позабележителен економски импулс до 2027 година.
Сепак, Бундесбанка го повторува своето предупредување дека државата „мора прецизно и економично да ги инвестира овие милијарди“, а не да ги користи за пополнување на буџетските дупки.
Специјалниот инвестициски фонд „нуди добра можност за модернизација на државната инфраструктура, но федерацијата, покраините и локалните заедници сега планираат да користат значителен дел од овие пари за пополнување на финансиски дупки, а не за инвестициски проекти“.