Според полицијата, утрово околу 8 часот е пријавено дека на неутврдено време во текот на ноќта, едно или повеќе лица со црна боја испишале графити на информативната табла и оградата на амбасадата, а била истакната и знаме во жолто-сина боја. По пријавата, полициски службеници веднаш излегле на терен, извршиле увид и ја обработиле локацијата, а истрагата продолжува со цел идентификација на одговорните.
Од Министерство за надворешни и европски работи на Хрватска најостро го осудија вандализмот. Во соопштението се наведува дека министерот Гордан Грлиќ Радман разговарал со индискиот амбасадор во Хрватска Арун Гоел, нагласувајќи дека Владата го третира случајот со најголема сериозност и дека секое нарушување на неповредливоста на дипломатските мисии е неприфатливо и спротивно на меѓународното право.
Претходно, Министерство за надворешни работи на Индија соопшти дека „антииндиски елементи“ неовластено влегле во просторот на амбасадата и побара од хрватските власти сторителите да бидат повикани на одговорност, потсетувајќи дека дипломатските објекти, согласно Виенската конвенција, се неповредливи и мора да бидат заштитени.
На социјалните мрежи се појави видео во кое одговорноста за инцидентот ја презема организацијата Sikhi for Justice (SFJ). Во снимката, нивниот лидер Гурпатвант Синг Панун ја прикажува штетата на амбасадата, вклучително и пораки испишани со спреј, како и спуштање на индиското знаме и истакнување на знаме поврзано со сепаратистичкото движење Калистан.
In a shocking act, the Tiranga was removed and the Khalistan flag raised at the Indian Embassy in Zagreb, Croatia. In a video statement, Khalistani terrorist Gurpatwant Singh Pannun spewed venom yet again against India .This marks a new chapter in Khalistanis exporting Hate and… pic.twitter.com/6is1lYRLsH
— Mojo Story (@themojostory) January 22, 2026
Панун, кој е поборник на движењето Калистан за создавање независна држава за Сиките, во пораката ги обвини индиските власти за прогон и етничко чистење во регионот Панџаб.
Сиките се припадници на религија настаната во 15 век на индискиот потконтинент, а значителен дел од нив денес живеат во Соединети Американски Држави, Обединето Кралство и Канада.
Од хрватското МНР истакнаа дека Хрватска останува една од најбезбедните земји во светот и дека е цврсто посветена на обезбедување на сигурност и заштита на целиот дипломатски кор во земјата.