„Руското агресивно дејствување мора да има последици. Германија не толерира шпионажа на своја територија, особено кога во тоа е вклучен дипломатски персонал“, изјави германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул.
Според германските власти, уапсената Илона В. е осомничена дека шпионирала за руската воена разузнавачка служба ГРУ. Како нејзина контакт-точка се посочува токму заменикот на рускиот воен аташе, на кого му доставувала информации поврзани со воените активности во Германија, особено во контекст на војната во Украина.
Илона В., според истрагата, му овозможувала и пристап на дипломатот до политички настани користејќи лажни идентитети. Податоци за активностите на Бундесвер наводно добивала преку двајца поранешни припадници на германските вооружени сили, против кои исто така е отворена истрага.
Германските безбедносни служби оценуваат дека од почетокот на руската агресија врз Украина, Русија значително ги засилила своите разузнавачки активности во Германија, особено во сферата на хибридното војување и шпионажата.