Трамп ја тужи најголемата американска банка и нејзиниот директор, бара 5 милијарди долари

Претседателот на Соединети Американски Држави, Доналд Трамп, поднесе тужба против најголемата американска банка JPMorgan Chase и нејзиниот извршен директор Џејми Димон, барајќи отштета од најмалку 5 милијарди долари.

од desk4
23 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/Бела куќа

Трамп тврди дека банката неправедно му ги затворила сметките од политички причини.

Тужбата, поднесена пред државниот суд во округот Мајами-Дејд, претставува ескалација на долготрајниот судир меѓу Трамп и оваа банкарска група од Волстрит, поврзан со прашањето дали нему и на други лица им бил ограничен пристапот до банкарски услуги поради политички ставови, пренесува Financial Times.

Според наводите во тужбата, JPMorgan Chase се дистанцирала од Трамп и од компаниите поврзани со неговото име по неговото заминување од Белата куќа во 2021 година, наводно поради, како што се тврди, „неосновани и идеолошки мотивирани убедувања“. Се наведува дека банката донела „еднострана одлука, мотивирана од политички и општествени причини“, проценувајќи дека „политичкиот ветер тогаш дувал во таа насока“.

Трамп тврди и дека директорот Димон наложил тој и неговите компании да бидат ставени на внатрешна „црна листа“ на клиенти, што, според тужбата, му нанело сериозна финансиска и репутациска штета.

Од JPMorgan Chase соопштија дека сметаат оти тужбата е неоснована. „Иако жалиме што претседателот Трамп поднесе тужба, веруваме дека таа нема правна основа. Го почитуваме неговото право да тужи, како и нашето право да се браниме“, наведуваат од банката, додавајќи дека не затвораат сметки поради политички или верски причини, туку врз основа на регулаторни правила.

Тужбата е поднесена еден ден откако Димон, на Светски економски форум, позитивно говореше за одредени позиции на Трамп, но истовремено предупреди дека неговиот план за ограничување на каматите на кредитните картички би можел да предизвика „економска катастрофа“.

Ова е уште една во низата правни битки што Трамп ги води во рамки на неговата втора претседателска кампања, додека паралелно поднесува тужби против медиуми и институции кои ги смета за политички противници.