Николоски за Одборот за мир на Трамп: Не бев запознаен со иницијативата, видов од медиумите

-Партнерството е на највисоко ниво и навистина имаме одлични односи со оваа администрација на САД, вели вицепремиерот иако Македонија не доби покана за членство во Одборот

од Nikola Popovski
27 прегледи Фото: Фејсбук

За „Одборот за мир“ кој го предводи американскиот претседателот Доналд Трамп и фактот дека Македонија засега нема добиено покана за членство во него, вицепремиерот и министер, Александар Николоски вели дека не е запознаен со иницијативата и дека видел од медиумите за што се работи.

-Веројатно од МНР можат подобро да одговорат. Партнерството е на највисоко ниво и навистина имаме одлични односи со оваа администрација на САД. Тоа е нешто на кое што планираме да наградуваме во периодот пред нас и мислам дека ќе се развива. Најдобар начин на соработка е економската соработка, рече утрово Николоски.

На Светскиот економски форум во Давос, во четвртокот на 22 јануари 2026 година, беше основан „Одборот за мир“ со Трамп  како негов претседавач. Повелбата беше потпишана од нешто повеќе од десет држави, меѓу кои и самите САД. Новоформираното тело, според основачките документи, има за цел „прагматично посредување во меѓународни конфликти“ и воспоставување траен мир.

Меѓу земјите чии претставници учествуваа на сцената при објавувањето на Одборот за мир, доминираа земјите од Блискиот Исток и Јужна Америка, со помал број европски и азиски земји.