Откритието дека кај судијата Ѓоко Ристов, осомничен за корупција, биле пронајдени 350.000 евра заѕидани во ѕидовите од домот на неговите родители, ја отвора една од најчувствителните и најопасните дилеми за правниот систем: што се случува со судските одлуки донесени од судија чиј интегритет е сериозно доведен во прашање?!
Ристов не е маргинален судија, ниту неговата кариера е исполнета со рутински предмети. Напротив. Тој бил дел од најекспонираните случаи во последната деценија.
Директно бил вклучен во предмети поврзани со поранешниот шеф на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков. Вклучен бил во случајот „ТНТ“ за уривањето на „Космос“, па и во предметот „Тотал“ во кој обвинет беше новинарот Драган Павловиќ – Латас. Судел и во „Трезор“, и во „Метастаза“, и во „Бумеранг“…
Како судија во Кривичниот суд, но и подоцна во Апелација, тој учествувал во креирање одлуки што директно влијаеле врз политички, економски и медиумски центри на моќ.
Оттука, логично се наметнува прашањето: дали судските предмети во кои учествувал Ристов можат повторно да се отворат и дали правдата може, или треба, повторно да се премерува?!
Правниот одговор, барем формално, е јасен. Во македонското законодавство, како и во европската правна пракса, не постои автоматизам со кој судска одлука се укинува или повторно се суди само затоа што судијата подоцна станал осомничен или обвинет за друго кривично дело.
Принципот на правна сигурност и конечност на судските одлуки е еден од темелите на секој правен систем. Без него, ниту една пресуда не би била трајна, а системот би живеел во постојана правна нестабилност.
Сепак, правото не е слепо за исклучоци. Ако во рамки на кривична постапка или ветинг-процес се утврди дека конкретна судска одлука е резултат на корупција, односно дека постои директна врска меѓу мито и донесената пресуда, тогаш се отвора можност за вонредни правни лекови.
Тоа може да значи повторување на постапка, укинување на пресуда или ново судење, но само ако постојат цврсти, докажливи факти дека правдата била купена, а не само дека судијата има сомнително потекло на имот.
Токму тука влегува во игра ветингот во судството, доколку тој некогаш навистина заживее во суштинска, а не само во декларативна форма. Ветингот, по дефиниција, не е лов на вештерки, туку процес на системска проверка на интегритетот, имотната состојба и одлуките на судиите.
Но, дури и најригорозниот ветинг нема автоматски да ги поништи сите пресуди на судија кој ќе падне на проверката. Тој може да доведе до разрешување, кривична одговорност или забрана за вршење функција, но судските одлуки ќе останат на сила сè додека не се докаже нивната корумпираност поединечно, предмет по предмет.
Од новинарски и општествен аспект, дилемата е подлабока од правната техника. Јавноста со право се прашува: ако судија кој одлучувал за најтешките и најконтроверзни случаи во државата криел стотици илјади евра во ѕид, колкава е веројатноста дека неговите одлуки биле чисти? Тоа прашање нема лесен одговор и не смее да се решава со претпоставки, туку со докази.
Опасноста лежи и во спротивната крајност. Ако секој судски предмет во кој учествувал компромитиран судија автоматски се прогласи за сомнителен, тогаш целиот судски систем може да се најде во состојба на институционален колапс. Ќе се релативизираат пресуди, ќе се отворат стари случаи без јасни основи и ќе се создаде впечаток дека правдата е целосно условна и привремена.
Затоа, прашањето не е дали предметите на Ѓоко Ристов „можат“ повторно да се судат, туку под кои строго дефинирани услови тоа би било правно оправдано и општествено одговорно.
Без конкретни докази за корупција во конкретен предмет, повторното судење би било политички и правно ризично. Со такви докази, пак, државата нема право да ги игнорира, без разлика на тежината на случаите или имињата што ги засегаат.
Случајот со Ристов, независно од неговиот исход, повторно ја става на маса суштинската слабост на македонското судство: недостатокот на доверба.
Додека таа доверба не се обнови преку транспарентни процеси, јасна одговорност и реален ветинг, секоја нова афера ќе го носи истото прашање: дали сме сведоци на изолирана корупција или на систем кој со години делел правда по мерка на оние што можеле да ја платат?
Б.Т.